Започнати се работите на нов спортски центар во Арачиново – општинска инвестиција поддржана од централната власт.
Целта на спортскиот центар е да се создадат подобри услови за развој на спортот во општината, со посебен фокус на клубот „Шкендија“, како и на децата и младите кои ќе добијат посоодветни простори за тренинг и развој.
„По 50 години историја, традиција и страст кон фудбалот, ’Шкендија‘ од Арачиново ја добива инфраструктурата што со години ја заслужуваше“, се наведува во соопштението на ВРЕДИ.
Според партијата, проектот се реализира под раководство на градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, со вклученост на централната власт.
Институционалната поддршка за проектот, како што истакнуваат од ВРЕДИ е потврдена и преку учеството на заменик-министерката за спорт, Сафије Садики Шахини, во активностите поврзани со развојот на спортската инфраструктура во општината.
Од ВРЕДИ нагласуваат дека новиот спортски центар не се гледа само како инфраструктурна инвестиција, туку и како можност за создавање подобри услови за идните генерации. „За Даут Беќири, овој проект претставува значаен чекор за спортот во Арачиново, како и инвестиција во помладите генерации“, се вели во соопштението.
Проектот е фокусиран и на иднината на „Шкендија“ од Арачиново, клуб со фудбалска историја долга околу 50 години. Според ВРЕДИ, целта е новата инфраструктура да послужи како основа за поголем потфат: изградба на главниот стадион на клубот.
„Спортскиот центар е дел од визијата да ѝ се обезбеди на „Шкендија“ инфраструктура што доликува на нејзината 50-годишна историја“, се наведува во соопштението.
Се очекува следниот чекор, да биде изградбата на главниот стадион на „Шкендија“, со цел преку инфраструктурни инвестиции да се поттикнат подобри услови за развој на фудбалот и спортот во Арачиново. „50 години историја. Ново поглавје за „Шкендија“ и Арачиново“, се вели во соопштението на ВРЕДИ.