Македонија

Ќе дадеме јасна предност на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти, рече министерот Сулејмани за Годишните конкурси

Министерот ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани на прес-конференција во Владата соопшти дека е отворен системот за електронско пријавување на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година. Системот за електронско пријавување ќе биде отворен до 30 октомври 2026 година, до 15:30 часот.

На прес-конференцијата, министерот Сулејмани истакна дека конкурсите се наменети за поддршка на квалитетни, иновативни и одржливи проекти што ја збогатуваат културната понуда, отвораат простор за нови креативни изрази, создаваат нова публика и придонесуваат за поголема регионална и меѓународна видливост на македонската култура.

„Културата ја гледаме како стратешка инвестиција во креативниот потенцијал и во одржливиот развој на нашето општество. Со конкурсите за 2027 година, продолжуваме со јасни и стабилни правила, но и со јасно поставена цел – да ги поддржиме проектите што имаат квалитет, визија и потенцијал да создадат долгорочна вредност. Очекуваме професионални и добро осмислени проекти од нашите уметници, здруженија и културни организации“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.

Тој информираше дека во фокусот ќе бидат проекти со потенцијал за долгорочен придонес кон културниот развој преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација и привлекување нова публика. Особено внимание ќе се посвети и на проектите што ќе се реализираат во пограничните зони, со цел културните содржини да бидат достапни во различни средини и да придонесат кон развојот на локалните заедници.

„Нашата политика е инклузивна, но и одговорна: ги поддржуваме сите што создаваат вредност, истовремено инсистирајќи на професионалност, одговорност и мерлив придонес. Државата стои цврсто зад своите уметници, институции и културни работници“, рече министерот Сулејмани, додавајќи дека со овие конкурси и со капиталните инвестиции кои се реализираат паралелно, се создаваат услови за стабилна, видлива и самоуверена култура.

Во однос на начинот на аплицирање и критериумите, министерот истакна дека за 2027 година се задржува воспоставениот реформски курс, нудејќи им на апликантите јасни, стабилни и веќе познати правила. Се задржува минималниот праг од 40 бода од вкупно 100 за финансиска поддршка, а оценувањето се врши според унифициран систем на бодување: до 70 бода за квалитетот на содржината, до 15 бода за човечките ресурси и до 15 бода за финансиската оправданост.

Министерот Сулејмани ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.

Пријавувањето за сите области се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk. Пријави во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат. Годишните конкурси за 2027 година се објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.

Најнови вести од: Македонија

Николоски од Виена: Реализираме инфраструктурни проекти вредни до 6 милијарди евра

Николоски нагласи и дека на Македонија ѝ се потребни меѓународни пријатели и силни партнерства, додавајќи дека преку ваквите форуми се создаваат можности за нови форми на институционална соработка со европските партнери.

(Фото): Ова е најтешкиот буџет, се враќаат две милијарди евра, ќе има и поголеми плати, најави министерката за финансии

Јавниот долг заклучно со третиот квартал годинава, според податоците од Министерството за финансии, изнесува 10 милијарди 930 милиони евра или 56,6 проценти од БДП. До крајот на годината, во согласност со сегашните проекции, би требало да изнесува 11.250 милиони евра или 58,2 проценти од БДП, а државниот долг да биде 51 процент.

Уставни измени во 2001: Треба да се спречи Македонија и целосно да ја изгуби својата „македонска душа“ како држава! (3)

Ноемвриските уставни амандмани од 2001 година „инсталираа“ „фабрички дефект“ во функционирањето на политичкиот систем преку воведувањето на „консензуалната“, „договорна демократија“, предвидена да ја практикуваат „етничките поглавари“ на Македонците и Албанците. Експертите посочуваат дека таквата „договорна демократија“ ја претвори Македонија во непрогласена „двонационална држава“ со „отворена перспектива“ наместо унитарна држава да стане и „двокантонална федерација“, или можеби и конфедерација. Сегашната претседателка на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова учествувајќи на една научна расправа во МАНУ пред 19 години, тогаш како професорка по уставно право и уставен систем, констатираше дека „во 2001 година врз македонската држава беше спроведен рамковен и уставен инженеринг во режија на меѓународната заедница“. Силјановска-Давкова уште тогаш имаше изнесено предупредување дека е реална заканата „Македонија да стане ‘држава без душа“.

Мицкоски за ужасниот напад врз девојката во Охрид: Жестоко го осудувам ова дивјаштво! – Сѐ ќе сториме сторителот да одговара пред правда!

Премиерот Христијан Мицкоски упати остра осуда за нападот врз младата девојка во Охрид, изразувајќи поддршка до нејзиното семејство, ветувајќи дека институциите ќе сторат сè сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

To top