Бојан Миовски смета дека фудбалската репрезентација на Македонија мора да покаже заедништво утревечер од 20:45 часот против Шкотска во Скопје за во третото коло од Б-дивизијата во Лигата на нациите конечно да ја прекине црната серија од шест натпревари без постигнат гол.
„Секој период во репрезентацијата носи свои предизвици. Сега сме во момент кога треба да покажеме заедништво. Немавме резултати какви што очекувавме, но сега треба да покажеме дека сме тим. Можеме многу да зборуваме, но сe треба да покажеме на терен“, изјави напаѓачот на Глазгов Ренџерс со девет погодоци за македонскиот национален тим.
„Шкотска е одлична репрезентација, имаат квалитетни играчи и знаеме каде настапуваат. Ние играме дома и мора да покажеме квалитет. Не можеме да се потпреме на индивидуален квалитет. Ако бидеме колектив, ќе се вратат и резултатите“, објасни Миовски.