Калин Ивановски ќе игра на главниот турнир од 53. Меѓународно првенство на Сицилија во тенис, кое се одржува од 5 до 11 октомври во Палермо на земјени терени и за награден фонд од 56.700 евра, кадешто утре од 13 часот за противник ќе го има петтиот носител Алехандро Моро Канас од Шпанија, 233. на АТП-листата во сингл.
До главната конкуренција македонскиот тенисер, неделава 744. во ранкингот на АТП, стигна со триумфот во финалето од квалификациите против првиот носител Федерико Арнаболди (478.) од Италија, пред една година 183. светски рекет, совладувајќи го со 6-4, 7-6 (6) по 2:08 часа игра.
Претходно, Ивановски победи уште еден домашен натпреварувач, седмиот фаворит во квалификациите Џузепе ла Вела (543.), од кој беше подобар во три сета со 6-4, 5-7, 6-4.