Спорт

Муслиу пред Швајцарија: Мора да ставиме прст на глава, мора нешто да покажеме

Не смее само противникот да се прашува, вели македонскиот дефанзивец пред утрешниот реванш од Лигата на нациите во Луцерн

Македонскиот фудбалски репрезентативец Висар Муслиу е свесен дека јавноста во Македонија многу повеќе очекуваше од него и соиграчите од националниот тим во дебитантскиот настап во Б-дивизијата на Лигата на нациите, па пред утрешниот реванш со Швајцарија во Луцерн вели дека, едноставно, мора нешто да покажат.

„Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што го навикнавме народот со добрите резултати. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот. Лигата Б е поквалитетна и тимски и индивидуално, но мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува“, изјави централниот одбранбен фудбалер на белгиски Синт Тројден.

„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро, никој ништо не кажува, но кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Сега ни е најмногу потребна поддршката. Не е исто за нас што немаме победа и гол, но мора да гледаме напред. Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас. Како што имавме добри резултати порано, можеме и на наредните натпревари да бидеме подобри“, додаде играчот со 77 настапи и два гола во црвено-жолтиот дрес.

Против четвртфиналистот од последното Светско првенство, кој славеше во Скопје со 3:0, Муслиу смета дека единствен пристап е сите единаесетмина во македонски дресови на теренот да придонесат и во одбраната.

„Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Не може да говориме само за одбрана, затоа што ќе ни биде потребна тимска игра од напаѓач па до голман. Сите мора да учествуваме дефанзивно ако сакаме да бидеме успешни“, изјави дефанзивецот на официјалната прес-конференција за мечот закажан за утревечер од 20:45 часот.

Најнови вести од: Спорт

Рекордни 15 илјади и 50 тркачи од 63 држави на „Виз ер“ Скопскиот маратон!

Главниот град на Република Македонија денеска повторно пулсираше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.

To top