Форматот и начинот на нејзиното одржување, додаде Мицкоски, дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.
„Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за средба, а форматот и начинот дополнително ќе бидат договорени, стои во дипломатската нота. Така што утре ќе има средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside (кратка, неформална и често непланирана средба меѓу двајца или повеќе државници или претставници на маргините на некој поголем настанок, без формален дневен ред – заб.прев.), дали ќе биде во заднината на Самитот за Коридорот 8. Сепак, ова е повеќестран настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштање во употреба на новата детска градинка „8 Април“ во Општина Шуто Оризари.
За пораките што ќе бидат испратени на средбата премиерот истакна дека во во средиштето на разговорот ќе биде нагласувањето дека само со дијалог може да се надмине моментната состојба.
„Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме“, истакна Мицкоски.
Во однос на пораката од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која упати апел уште еднаш да се согледа европската политика за проширување и проблемот да не се претставува само како билатерален, премиерот Мицкоски порача дека ги познава европските вредности, но дека дел од земјите-членки ги заборавиле откако се интегрирале.
„Благодарам на советот. Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Но, претпоставувам некои од земјите членки коишто се удобни во фотелјите во Брисел ги заборавија откако станаа земји членки“, истакна Мицкоски.