Вакцинацијата против сезонскиот грип во Македонија се очекува да започне во втората половина на октомври, во согласност со праксата од претходните години.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека досега се обезбедени или се наоѓаат во постапка 56.000 од планираните 80.000 дози вакцини.
Светската здравствена организација годинава ги промени сите три соја на вирусот на грип – појава што се смета за ретка и која предизвика доцнење во производството на вакцините во повеќе земји.
Поради тоа, тендерот во Македонија остана без понудувач, но надлежните веднаш презедоа активности за набавка по алтернативен пат.
„Веќе имаме обезбедени или во постапка 56.000 од планираните 80.000 дози, кои ќе бидат во Македонија до 15 ноември“, посочи Клековски.
Во последните три години вакцинацијата започнуваше меѓу 16 и 25 октомври, а целта на Министерството е и оваа година да се обезбедат услови за почеток во истиот период.
Бесплатна вакцина ќе добијат лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени и здравствените работници.
Од Министерството најавуваат дека дополнително ќе ги информираат граѓаните за точниот термин и начинот на закажување.