Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение побара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, како и целосно расветлување на случајот со двајца млади на 21 и 23 години, кои тврдат дека биле физички малтретирани од полициски службеници.
Според ДУИ, во интерниот полициски извештај се наведува дека младите му го одзеле пиштолот на полициски службеник. Тие, пак, тврдат дека оружјето завршило во нивното возило откако полицијата го скршила стаклото. Според нивните наводи, службениците пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на автомобилот, а потоа ги врзале и ги легнале на земја, при што биле малтретирани.
Партијата бара итна, непристрасна и транспарентна истрага, како и утврдување на одговорност доколку се докаже дека полициските службеници ги прекршиле овластувањата.
„Правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредувани од оние чија должност е да ги штитат“, наведуваат од ДУИ, инсистирајќи на целосна институционална одговорност.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи соопшти дека министерот му наложил на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот. Ова следува по објавите дека на 7 октомври во Скопје две лица биле физички нападнати од полициски службеници и дека им бил оштетен автомобилот.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за евентуалната одговорност на инволвираните службеници. По завршувањето на проверките ќе бидат преземени соодветни законски мерки, а јавноста ќе биде известена.