Свет

Вештачката интелигенција ја презема работата, но не и последниот збор

Резултатите покажуваат дека вештачката интелигенција добива сè поголема улога во секојдневното банкарство, особено во комуникацијата и безбедноста. Но, кога станува збор за одлуки што директно влијаат врз финансиската иднина на клиентите, банкарските службеници засега ја задржуваат предноста.

Вештачката интелигенција сè посериозно навлегува во банкарството, а речиси секој трет Европеец попрво би разговарал со неа отколку со банкарски службеник за чувствителни финансиски прашања, пренесе Плусинфо. Уште поинтересно, дури 44 отсто од граѓаните повеќе ѝ веруваат на технологијата кога треба да се открие сомнителна трансакција или обид за измама. Ова го покажува најновото истражување на германската финансиска групација ЕОС, спроведено меѓу 4.400 испитаници во 11 европски земји.

Според резултатите, 29 отсто од Европејците би избрале разговор со вештачка интелигенција наместо со банкар кога станува збор за чувствителни финансиски теми. Кај младите од 18 до 34 години, овој процент се искачува на 38 отсто. Истовремено, 46 отсто од анкетираните сметаат дека вештачката интелигенција ја подобрила комуникацијата со нивната банка во последните три години. Само 11 отсто забележале влошување.

Особено впечатлива е довербата во автоматското откривање измами. Речиси половина од испитаниците сметаат дека вештачката интелигенција е посигурна од банкарски службеник кога треба да препознае сомнителни трансакции. Но, довербата нагло се менува кога технологијата треба да одлучува за кредит. Само 24 отсто од испитаниците претпочитаат вештачката интелигенција да одлучува за одобрување заем, додека 46 отсто повеќе му веруваат на човекот. Граѓаните, сепак, се подготвени да ѝ препуштат на технологијата дел од секојдневното управување со парите. Дури 61 отсто би сакале автоматски предупредувања кога постои опасност да го надминат дозволеното салдо на сметката.

Повеќе од половина од испитаниците како главни предности ги наведуваат побрзата комуникација, полесното добивање информации и достапноста на услугите во секое време. Сепак, 60 отсто сметаат дека на автоматизираните системи им недостасува човечки пристап, а 46 отсто се загрижени дека технологијата може да донесе погрешна одлука. Дополнителни 35 отсто стравуваат за заштитата на личните податоци.

Истражувањето било спроведено во јули 2026 година во Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Швајцарија, Полска, Бугарија, Хрватска, Словенија, Романија и Грција. Резултатите покажуваат дека вештачката интелигенција добива сè поголема улога во секојдневното банкарство, особено во комуникацијата и безбедноста. Но, кога станува збор за одлуки што директно влијаат врз финансиската иднина на клиентите, банкарските службеници засега ја задржуваат предноста.

Најнови вести од: Свет

Зеленски: Ограничувањето за напади врз руските рафинерии веќе не важи

Тој ја критикуваше подготвеноста на Вашингтон да склучува деловни договори со Москва, како и очигледното восхитување на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател, пренесува „Фајненшел тајмс“

To top