На денешниот натпревар од 10. коло од Прва МФЛ помеѓу екипите на ФК Шкендија Арачиново и ФК Струга Трим Лум се случи клучна ситуација за ВАР интервенција во 24. минута од натпреварот, за која со соопштение излезе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Имено, напаѓачот со бр. 9 од екипата на ФК Струга Трим Лум е недозволено и неспортски, под прекршок со влечење и задржување е спречен да продолжи со акцијата кога топката е додадена од негов соиграч во ситуација кога истиот е во очигледна шанса непречено да постигне гол. Доколку напаѓачот не е под очигледен прекршок би стигнал прв до топката и би стекнал јасна предност пред одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа, кој веќе нема можност да игра со топката, задоцнува во одбраната, па со прекршок со двете раце го влече и задржува противничкиот напаѓач со што го спречува во очигледна шанса за постигнување погодок.
Главниот судија и покрај очигледниот прекршок, првично не реагира и дозволува играта да продолжи. ВАР судиите правилно го отвораат ВАР Протоколот и влегуваат во проверка на оваа ситуација, по што правилно интервенираат и препорачуваат преглед на снимка на терен (OFR) за можен прекршок за казнен удар и дисциплинска мерка директен црвен картон за спречување очигледна шанса за гол (DOGSO).
Главниот судија по извршен преглед на ситуацијата, правилно ја променува својата првична одлука, досудува казнен удар и му покажува директен црвен картон на одбранбениот играч.
Во оваа ситуација во целост е испочитуван ВАР протоколот и точно се применети критериумите од Правилата на фудбалската игра за прекршок за казнен удар и за спречување на очигледна шанса за гол.
Оваа ситуација уште еднаш ја потврдува важноста на ВАР технологијата како средство за клучни ситуации во кои е направена јасна и очигледна грешка, со единствена цел за обезбедување поправедни одлуки на теренот за игра.
Воедно, укажуваме и ја известуваме јавноста дека домашната екипа ФК Шкендија Арачиново, по втор пат и на ист начин, неосновано и субјективно, преку преставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица во Фудбалската федерација на Македонија, а инцидентот е записнички констатиран.
Фудбалската федерација на Македонија и Судиската организација најостро го осудуваат ваквото недолично, нецивилизирано и крајно неспортско однесување, кое претставува директен напад врз интегритетот, достоинството и безбедноста на службените лица. Спортската немоќ, непознавањето на Правилата на фудбалската игра и непочитувањето на основните спортски вредности не можат и никогаш нема да бидат оправдување за навреди, закани, притисоци и неосновани напади врз судиите и официјалните лица на Федерацијата, особено кога станува збор за правилно донесени одлуки во согласност со Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот.
За ваквото однесување ќе биде иницирана соодветна дисциплинска постапка пред надлежните органи на ФФМ.