Соочен со зголемениот притисок поради немирите, шефот на државата призна дека имало „пропусти во прелиминарната проценка на ситуацијата и во прибирањето разузнавачки информации“.
Макрон му наложи на министерот за внатрешни работи веднаш да спроведе промени во тактиките што ги користат безбедносните сили, со цел да се стават немирите под контрола, пренесе АФП.
„За да се стави крај на поставувањето барикади и грабежите, претседателот побара од министерот за внатрешни работи што поскоро да примени нови оперативни методи за силите за внатрешна безбедност на терен, за да се справат со оние што учествуваат во немирите“, соопштија од француското претседателство.
„Вечерва сите чувствуваме гнев. Чувствуваме и срам кога го гледаме уништувањето што се случи на нашите улици… Јавни објекти, продавници и општински згради беа нападнати, а во некои случаи и уништени. Како можат Французите да ѝ го прават ова на Франција?“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско обраќање до нацијата.
„Им се обраќам на сите што вршат грабежи: ќе преземеме строги мерки; нема да има неказнивост. Не смееме да ги поистоветуваме мирните демонстранти со оние што вршат грабежи и учествуваат во немирите, бидејќи има луѓе кои со право сметаат дека цените на горивата се превисоки. Ова е поврзано со војната во Иран“, додаде претседателот.
Макрон наведе три приоритетни задачи за справување со немирите:
Прво, префектурите, во координација со градоначалниците, ќе преземат мерки за заштита на градовите, објектите и продавниците – вклучително и преку забрана за јавни собири.
Второ, сите политички партии, синдикати и организации мора недвосмислено да го осудат насилството и да повикаат на смирување на ситуацијата. Францускиот премиер ќе ги свика во наредните денови за да обезбеди јасни јавни изјави од нивна страна.
Трето, во процесот на изнаоѓање решенија мора да бидат вклучени ученици, студенти, просветни работници, синдикати, локални власти и пратеници.