Македонија

Унгарскиот премиер Маѓар ја пречека Сиљановска-Давкова во Будимпешта

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во официјална посета на Будимпешта, каде што присуствува на високите државни и културни манифестации по повод одбележувањето на јубилејната 70-годишнина од Унгарската револуција од 1956 година

Во рамките на официјалната програма, претседателката Сиљановска-Давкова присуствуваше на свечениот гала концерт во Унгарската државна опера, како и на свечениот прием организиран во Музејот на ликовните уметности.

Домаќин на овие високи европски и унгарски државни настани беше премиерот на Унгарија, Петер Маѓар.

Претседателката го истакна историското значење на овој настан за целиот европски континент.

,,Во Будимпешта, присуствував на гала свеченоста во Унгарската државна опера и на приемот во Музејот на ликовните уметности, чијшто домаќин беше премиерот на Унгарија, Петер Маѓар.

Чест е да се присуствува и да се оддаде признание на овој значаен историски настан, не само за Унгарија, туку и за Европа.

Унгарската револуција е траен симбол на храброст, слободољубивост и достоинство на еден народ”, објави Сиљановска-Давкова.

Покрај културниот и комеморативниот дел од програмата, претседателката ја искористи посетата на Будимпешта и за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји.

Таа оствари средба и присуствуваше на работен ручек со унгарскиот претседател Андраш Сујок, на кој се разговараше за унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, како и за принципиелната поддршка што Унгарија ја дава на македонскиот пат кон евроинтеграциите.

Поврзани вести

Сиљановска-Давкова во Будимпешта: Унгарската револуција е траен симбол на борбата за слобода и достоинство

Сиљановска Давкова на средба со македонската дијаспора во Будимпешта

Најнови вести од: Македонија

To top