Покрај другото, во оваа анализа се истакнува:
За Македонија сега отворањето на Уставот не е и не смее да биде приоритет!
Постојат повеќе индикатори за тоа дали ЕУ ќе прими нови членки, еден е секако буџетот на ЕУ, преговарачката рамка, потоа пулсот на земјите членки, но улога игра и ОБСЕ. За Македонија на хоризонтот не се гледа членство во Унијата.Ова прашање за Македонија има посебна тежина, ако таа не успее да стане полноправна членка на ЕУ-клубот. Даде сѐ, а не ја доби ветената награда. И токму стратегијата за проширување на ЕУ, која треба да ни ја каже еврокомесарката Марта Кос, може да стане и патоказ кон геополитичка поделба на Европа, со тоа што надвор од своето членство би ги оставила БиХ, Србија, Македонија, а со неизвесна иднина Албанија и Црна Гора, па и Молдавија и Украина.
Овој можен геополитички кањон е опасен од причини што Америка се оддалечува од ЕУ, и воено и идеолошки, и ја става Унијата на четврто место од своите приоритети поставени во стратегиските документи на Вашингтон. Па, така може да се случи, а натаму одат работите, Вашингтон и Москва да ја договорат идната соработка, а Европа да продолжи да се справува со сѐ поголемиот број внатрешни проблеми. На Франција, Италија, Белгија, Германија, за каде што се најавуваат наскоро социјални протести, па и на Шпанија, Португалија и Италија е големо прашање дали сега им е до прашањето со нови членки.
Особено што во Франција Марин Ле Пен од ден на ден ја зголемува својата популарност и може да се случи таа да биде претседател, а младиот Бардела премиер, како и наглиот раст на популарноста на германската крајно десничарска АфД. Тие се противат на нови членки. Концептот на Германија за создавање унија во две брзини веќе зема замав, а за Македонија е подготвено чекање до неодредено време како држава од втор ранг во ЕУ, се наведува во анализата, која е објавена во „Нова Македонија“.