Албанската влада усвои пакет мерки за сузбивање на насилството за време на протести, кои вклучуваат парични казни во износ до 500.000 леки – што е приближно 5.500 евра.
Максималната казна се однесува на поединци кои не постапуваат по полициска наредба да гонапуштат протестот , а истовремено го кријат својот идентитет. За други прекршоци се предвидени помали парични казни.
Самото криење на идентитетот се казнува со парична казна во износ од 10.000 до 100.000 леки. Прописот предвидува исклучоци за случаите кога покривањето на лицето е оправдано од здравствени или верски причини, или пак поради вршење професионални должности – како што се новинарството или давањето медицинска помош.
Полицијата ќе има овластување привремено да забрани или ограничи собири во близина на образовни, здравствени и државни институции, доколку постои реален, сериозен и непосреден ризик од насилство или значителна материјална штета. Ваквите ограничувања можат да траат до 72 часа и можат да бидат продолжени еднаш.
Во случај на повици за насилство на социјалните мрежи, полицијата може да побара отстранување на таквата содржина. Доколку објавата не биде отстранета, или доколку таквото однесување се повтори, полицијата може да преземе мерки во согласност со постојните закони.
Владата, исто така, најави државен надомест на штета за малите бизниси кои ќе претрпат штета поради вандализам, грабежи или пожари за време на протестите. Пакетот вклучува и посебен електронски регистар на лица кои се пријавени во обвинителството или се под истрага за насилни кривични дела извршени за време на јавни собири.
Мерките стапуваат на сила веднаш, а Парламентот треба да ги ратификува во рок од 45 дена.