Пишува: Свето Тоевски
Димитрија Чуповски е роден како посмртче (по убиството на татко му од разбојнички банди) на 8 ноември 1878 година во велешкото мијачко село Папрадиште. Во Крушево го учи молерскиот занает и по две години со браќата заминува во Софија на печалба. Во бугарската престолнина три години дење работи како молер, а ноќе го посетува вечерното училиште за Македонците, што го организирале будните македонски студенти Даме Груев, Петар Попарсов, Никола Наумов и другите, кои во 1890 година пребегаа од Белград во Софија, каде што ја поставија основата на едно тајно македонско национално друштво. Димитрија се најде во кругот на македонската организирана емиграција, каде што не само ја учеше основната наука од букварите, туку и првите чекори во националноослободителната борба. Токму таму кај него целосно се оформило сознанието дека македонскиот народ треба самостојно да се организира и да се избори за сопствена политичка и културна иднина.
Тоа беше времето кога во Софија беше организирана Младата македонска книжевна дружина, што од почетокот на 1892 година почна да го издава и својот печатен орган „Лоза“ на јазик и со правопис, што беше изјаснет како „македонски“, предизвикувајќи голема бура во бугарската јавност. Тоа беше и времето на првата средба на двајцата најистакнати национални дејци во поновата македонска историја – Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски, но и на нивното познанство со стариот учебникар, лексикограф, граматичар, историчар, фолклорист, војвода и националнореволуционерен деец Ѓорѓија Пулевски.
Чуповски се префрла во Белград и во 1893 година се запишува на скратен курс на Учителската школа. Подоцна Димитрија ќе напише ова училиште било „отворено во тоа време од Србите специјално за работниците Македонци. „Училиштето со отворено шовинистички карактер имаше цел да создава српски етнографски елемент. Овде јас првпат бев поставен во ситуација да настапувам во улогата на заштитник на својата татковина – Македонија.“ – истакнал во своите записи Чуповски. Во учебната 1900/01 година како „Словеномакедонец“ тој е запишан во Духовната академија во Санкт Петербург во Русија. Таму започнала најзначајната етапа од неговиот живот – долгогодишната културна, научна и политичка работа за афирмирање на македонскиот народ, јазик и национална посебност.
Периодот од 1900 до 1905 година е вонредно значаен и во македонската историја и во животот и дејноста на Димитрија Чуповски. Тоа е времето на подготовките, подвигот и поразот на Илинденското востание со сите последици на внатрешен и на надворешен план. Но тоа е и времето на организирањето и првите активности на Македонското научно-литературно другарство во 1902 година во Санкт Петербург, што низ разни фази и под видоизменети имиња ќе постои сѐ до Октомвриската револуција (1917) и се издигнува во најзначајната македонска национална, научна, културна и политичка институција до Ослободувањето. Нејзиниот претседател и најистакнат деец е токму Чуповски, заедно со Крсте Мисирков.
Со основањето на Другарството, Димитрија Чуповски се вброил меѓу најистакнатите македонски национални дејци и започнал организирана борба за политичко, културно и национално признавање на Македонија. Под негово раководство МНЛД прераснало во најзначајниот центар за афирмирање на македонската национална мисла во странство. Неговата основна цел била да ја запознае руската и европската јавност со историјата, културата, јазикот и стремежите на македонскиот народ.
Во 1905 година започнало излегувањето на списанието „Вардар“, првото македонско научно, литературно и општествено-политичко списание. Преку неговите страници биле објавувани историски, етнографски, културни и политички трудови посветени на Македонија.
По поделбата на Македонија со Балканските војни, Чуповски уште поенергично настапил во одбрана на македонското национално прашање. Во 1913 година ја изработил и ја објавил првата карта на етничка Македонија на македонски јазик, со која ги претставил етнографските граници на Македонија и ја истакнал идејата за нејзината политичка целина.
Во периодот 1913–1914 година, во рамките на Македонското научно-литературно другарство, биле издадени единаесет броја на списанието „Македонски Голос“ (Македонски глас). Ова гласило претставувало еден од најважните медиуми преку кои се застапувала идејата за обединета и самостојна Македонија и за признавање на македонскиот народ како посебен народ.
Со своите публикации, меморандуми, карти и јавни настапи, Чуповски ја претставувал Македонија како посебна историска, географска и етничка целина, барајќи почитување на правото на македонскиот народ сам да ја определува својата иднина.
Последните години, историското наследство и значењето за Македонија (1917–1940)
По 1917 година, и покрај големите политички промени во Русија, Димитрија Чуповски останал доследен на својата животна мисија – афирмирањето на Македонија, македонскиот народ и неговото право на слободен национален развој. Иако условите за работа станале значително потешки, тој не престанал да пишува, да собира историски материјали и да ги застапува македонските интереси.
Во текот на целиот свој живот останал убеден поборник за создавање единствена и самостојна македонска држава во нејзините етнографски граници. Неговите научни трудови, публицистички текстови, карти и меморандуми претставуваат значајно сведоштво за развојот на македонската национална мисла во првата половина на XX век.
Последните години од животот ги поминал во Ленинград (денешен Санкт Петербург), каде што продолжил да работи и покрај нарушеното здравје.
Димитрија Димов Чуповски починал на 29 октомври 1940 година во Ленинград, оставајќи зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство.
(продолжува)