Македонија

Европа да се разбуди, да ја прифати реалноста и да ја интегрира Македонија, бара Сакс

Светски познатиот економист гостуваше преку видео-конференција на Школата за млади лидери на експретседателот Иванов

Светски познатиот економист Џефри Сакс гостуваше преку видео-конференција на 17. издание на Школата за млади лидери на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов, повикувајќи ја Европа да ја интегрира и Македонија.

„Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија.

Верувам дека и Украина треба да стане членка на Европската Унија, но како неутрална држава. Не сакам Европа да се претвори во милитаристички простор, а уште помалку сакам да се дефинира како регион кој постои во спротивставеност со Русија. Тоа е огромна грешка, можеби и катастрофална.

Европа треба да биде регион на интеграција и соработка, регион кој заеднички ќе ја спроведува зелената трансформација, ќе гради инфраструктура и ќе обезбедува мир и трговска соработка со Русија, Кина, Индија и останатиот свет.

Се разбира, сакам вашата земја да стане членка на Европската Унија. Јас верувам во Европската Унија, но не во начинот на кој таа функционира во моментов.

Верувам во една реформирана визија за Европската Унија – како светилник на мирот, соработката, зелената економија и високиот квалитет на живот. Тоа е вистинската европска улога. Европа е особено добра во тоа.

Квалитетот на живот во Европа е многу висок и треба да остане таков. Не преку војни и милитаризација, туку преку промовирање на добриот живот, во аристотеловска смисла на зборот“, одговори Сакс на прашањето од Иван Иванов, син на експретседателот: „Во Македонија многу луѓе сметаат дека во 21. век нашето право на самоопределување е поткопано од билатералните спорови. Го променивме името за да го отвориме патот кон Европската Унија и станавме членка на НАТО, но патот кон ЕУ и понатаму останува блокиран. Што би ја советувале една мала држава како нашата во ваква ситуација и што треба да направи нашето политичко раководство?“.

Џефри Сакс е директор на Центарот за одржлив развој при Универзитетот „Колумбија“, претседател на Мрежата за решенија за одржлив развој при Обединетите нации и застапник на Целите на одржливиот развој на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

 

Најнови вести од: Македонија

Уапсен е Марко Кричак, началник на криминалистичката полиција

Началникот на Управата за криминалистичка полиција Марко Кричак е уапсен утрово по наредба на Више јавно тужилаштво во Белград, под сомнение за злоупотреба на службената положба, според објава на „Радар“ на Н1 Белград. Според истиот извор, по иста кривична пријава што ја поднел адвокатот на заменик директорот на полицијата Веселин Милиќ, е приведен и началникот на Службата за сузбивање на криминалот Бошко Секуловиќ.

Завршува сезоната за спортски риболов во Националниот парк „Маврово“

Од 1 ноември 2026 година, стапува во сила целосна забрана за риболов на реката Треска во Скопје. Мерката се воведува со цел да се заштити рибниот фонд и да се овозможи непречено одвивање на природниот процес на мрестење.

To top