Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“, објави Марија Митева, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на Македонски Концепт објави мизогени ставови во јавноста.
,,Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество.
Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда”, вели Митева која како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудува ваквите ставови.
,,Нашата заложба за „За една повеќе“ е токму спротивното од сè што слушнавме. За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева.
Ова е прашање на елементарни цивилизациски вредности. Нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање. Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството”, порачува Митева.
Богоевски предизвика бура од реакции во јавноста по неговото гостување во емисијата „Под лупа“ на Алфа телевизија со тема „Распадот на македонското семејство“.
Во дебатата, Богојески изнесе ставови во кои зборуваше за потребата од „машки надзор“ врз жените, тврдејќи дека феминизмот е „смрт за жените“ и „гнасна левичарска пропаганда“ која наводно им наметнала нов товар наместо да им даде вистинска слобода на избор. Според неговите изјави, на жените им е потребна „машка поддршка“, а тие треба да возвратат со „женска нега“.
Неговите изјави беа протолкувани од јавноста и политичките актери како релативизирање на насилството во партнерските односи и промовирање на машка контрола врз жените.