Македонија

Цветанова: Негирањето на македонската национална и јазична посебност е облик на политички говор на омраза

„Облик на политички говор на омраза се негирачките ставови кон македонската национална и јазична посебност, кога се ставени во контекст на македонско-бугарските односи и македонската евроинтеграција.“ – ова е нагласено пред почетокот на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза” во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.

Професор д-р Ганка Цветанова, која е еден од раководителите на овој двегодишен проект, во изјава за медиумите посочи дека овој говор на омраза и негирачки погледи, меѓу другото, предизвикуваат нетолеранција, непријателство меѓу државите, одреден вид на дискриминација, но исто така, ја поткопуваат и довербата во европските институции.

– Овој научен собир е насочен на критичката анализа на негирањето на македонската национална и јазична посебност. Нашата почетна претпоставка беше дека овој вид на негирачки ставови може да се категоризираат како политички говор на омраза, бидејќи тие се насочени кон оспорување на правото на самоопределување, културната и јазичната маргинализација, како и барањата за историски ревизионизам. Не може веднаш секоја научна интерпретација, или толкување на историјата да се категоризира како политички говор на омраза. Но кога историскиот ревизионизам, како што е случајот со македонско-бугарските односи и македонската евроинтеграција, добива политичка инструментализација, значи е ставен во одреден општествен и политички контекст, тогаш овие негирачки наративи и тоа како можат да бидат категоризирани како политички говор на омраза, кој меѓу другото може има долгорочни општествено-политички последици, како што е успорување на нашите политички процеси, евроинтеграции и потоа предизвикува одредена нетрпеливост меѓу државите, меѓу соседните народи, предизвикува одреден вид на дискриминација, но и ја поткопува довербата на граѓаните во Европската Унија – изјави Цветанова.

Цветанова нагласи дека јазикот е најзначајниот идентификатор на културниот и севкупниот идентитет и тоа е прашање кое не смее да се засегне во таа сфера.

– Според мене, воопшто не треба да се дискутира на тема дали воопшто македонскиот јазик е посебен јазик, бидејќи тоа е нашето право на самоопределување – изјави Цветанова.

Во однос на тоа, што можеме како држава да направиме во услови кога Бугарија не условува и јавно европратениците во Европскиот парламент со говор на омраза зборуваат против македонскиот јазик, Цветанова вели дека политичките елити треба да го црпат и знаењето и легитимитетот во одбрана на нашето право на самоопределување, кое фигурира највисоко на скалата на човекови права и слобода, како и културните и јазичните права, токум од вакви научно-истражувачки проекти во кои академската заедница, како што посочува „дава едно научно толкување зошто не смееме да отстапиме од нашите ставови кои се идентитетски загрозувачки“.

– Станува збор за научно-истражувачки проект, кој трае веќе неколку години и фактички ова е завршница на тој научно-истражувачки проект и ние тука ги презентираме нашите научни сознанија на овој научен собир. Оваа приказна трае веќе 30 години и ние мора како академска заедница да ги кажеме нашите ставови дека има прашања од кои не смееме да отстапиме. Тоа се идентитетските прашања – изјави Цветанова.

Собирот произлегува од научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“ и има цел да поттикне научна и интердисциплинарна дискусија за негирањето на македонскиот јазик и националниот идентитет, нивните политички, правни, општествени и културни импликации, како и прашањата поврзани со човековите права, дискриминацијата и современите регионални и европски процеси.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Македонија 15 години не е во ЕУ, поради вештачки барања на нејзина членка! Членство во ЕУ не значи промена на идентитет!

Во Дизелдорф учествував на Самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, каде на панелот “Отпорност како императив за севкупното општество” истакнав дека Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ заради вештачки прашања, напиша премиерот Христијан Мицоски на социјалните мрежи.

ЕФА: Се засилуваат притисоците и заплашувањето на македонското и турското малцинство во Грција

Особено загрижувачки се случаите на попречување на културните манифестации на Македонците, особено во Леринскиот регион. Според ЕФА, грчките власти интервенирале на локални фестивали на кои се пеело и играло на македонски јазик, користејќи инспекциски контроли, пријави за бучава и предвремено прекинување на настаните

Богојески: Останувам на изјавата за машка контрола на жената (ВИДЕО)

Овој пат удри и по мажите: „Вие мажите што ме напаѓате, што мажи сте? Вас ви одговара да ги пуштате ќерките полуголи пред Силбо и жените што неможете да ги соберете од кафани“, вели тој во видеообраќањето

ВРЕДИ: Излегувањето на Артан Груби и Перпарим Бајрами од притвор е скандал без преседан

„Како политички субјект на власт, ќе ги искористиме сите институционални механизми за да ја откриеме вистината зад овој скандал и да ги увериме граѓаните дека правдата и државата нема да бидат предмет на исмевање“, велат од ВРЕДИ

To top