Холандските власти интензивно ја бараат 41-годишната Нинослава Јовиќ од Ниш, која се наоѓа на европската листа на најбарани лица на Европол. Таа е осомничена за логистичка улога во спектакуларниот грабеж на накит вреден околу 40 милиони евра, извршен во јуни 2022 година на престижниот саем за уметност и антиквитети TEFAF во Мастрихт.
Четворица мажи од Ниш – Александар Цениќ, Александар Стојилковиќ, Душко Димитријевиќ и Братислав Стојановиќ – поврзани со криминалната мрежа позната како „Пинк Пантер“, сред бел ден, вооружени со чекани, ги искршиле заштитните витрини и однеле скапоцен накит.
Меѓу пленот бил и ѓердан со редок жолт дијамант, проценет на 27 милиони евра.
Истрагата укажува дека Јовиќ не учествувала директно во самиот грабеж, туку ја организирала логистиката на бегството: изнајмувала станови за криење, обезбедувала возила и управувала со автомобилите со кои осомничените побегнале преку Белгија до Франкфурт.
Безбедносните камери ги забележале возилата, а на паркинг пред хотел биле снимени и две жени во свечени фустани, од кои едната носела црвени сандали – истражителите се сомневаат дека едната од нив била токму Јовиќ.
Европол објави детален опис: на десната подлактица има тетоважа со името „Selena“, а на левата рака зборот „Faith“. Постои сомневање дека направила естетски интервенции за да го промени изгледот. Дел од украдените дијаманти во меѓувреме се пронајдени во Израел, Хонгконг и Боцвана, но поголемиот дел од накитот сè уште недостасува.
Холандското обвинителство нуди награда од 20.000 евра за информации што ќе доведат до нејзино апсење, додека осигурителната компанија нуди 600.000 евра за пронаоѓање на украдениот накит. Според властите, Јовиќ најверојатно се наоѓа во Србија, во близина на Ниш или Белград, но не се исклучува можноста да патува во други земји.