Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска најави дека во системот ќе бидат вклучени поголем број полициски возила, кои ќе можат да регистрираат прекршоци и кога се паркирани и кога се движат.
Тој посочи дека возачите веќе се навикнале на локациите на кои се поставени камерите на „Безбеден град“, па таму ги почитуваат сообраќајните правила, но на делниците без видео-надзор сè уште се забележува неодговорно однесување.
– Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите и тоа е добро. Е, сега, нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила – изјави Тошковски.
Тој објасни дека прекршоците констатирани од полициските возила директно ќе се внесуваат во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување и процесирање на сообраќајните прекршоци.
Според министерот, оваа мерка ќе има значајна улога во подобрувањето на безбедноста во сообраќајот и исполнувањето на целите предвидени со Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година, која денеска беше промовирана.
Тошковски информираше и за проширувањето на системот „Безбеден град“. До крајот на ноември се очекува да заврши неговото воведување во СВР Струмица и градовите што ги покрива овој сектор, по што ќе следува имплементација во СВР Штип.
Очекувањата се системот да биде функционален на целата територија на државата до крајот на годината или на почетокот на 2027 година.