Македонија

(Видео): Секој штедач и доверител на Алта банка ќе биде обесштетен до последниот денар, рече премиерот

Премиерот уверува дека парите на штедачите и доверителите се безбедни дури и ако банката остане без лиценца.

Сите штедачи и доверители на „АЛТА банка“ АД Битола ќе бидат обесштетени до последниот цент, дури и ако банката заврши во стечај, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи две можни сценарија за надминување на состојбата – продажба на банката на нов сопственик или отворање стечајна постапка доколку не се најде купувач. Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, Мицкоски рече дека пронаоѓањето купувач ќе биде тешко и ја обвини опозицијата дека со своите настапи ги одвраќа потенцијалните инвеститори.

  • Сакам да бидам многу јасен. Можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Гледате што прават, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купувачи кои ќе ја консолидираат банката – рече Мицкоски.

Според него, доколку не се најде купувач, банката би можела да ја изгуби лиценцата и да влезе во стечај. Премиерот тврди дека, според проверките со кои располага Владата, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат влогови до 30.000 евра, кои се покриени со законската гаранција за осигурени депозити.

  • Да бидат спокојни, до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите коишто ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема отколку што се побарувањата, можеби два до трипати е поголема – изјави Мицкоски.

Тој уверува дека државата располага со инструменти за заштита на штедачите и компаниите, но не изнесе конкретен механизам со кој би се гарантирала целосна исплата на сите побарувања во случај на стечај. Мицкоски се осврна и на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „АЛТА банка“, нагласувајќи дека станувало збор за трансакција меѓу приватни сопственици. Според неговото објаснување, преземањето било спроведено преку јавна аукција, по претходно завршени законски процедури и позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

  • Банката ја купува приватно лице, приватна банка од приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата да биде информирана, ниту Министерството за финансии да биде информирано – рече премиерот.

Тој објасни дека државата, преку јавни претпријатија, поседувала мал дел од акциите во Стопанска банка Битола, но не ги продала за време на аукцијата поради законските ограничувања во периодот на локалните избори. По завршувањето на изборите во 2025 година, Владата им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции на новиот сопственик, бидејќи државниот удел изнесувал само два до три проценти.

Премиерот предупреди дека состојбата со „АЛТА банка“ во Србија може да предизвика проблеми и за македонските компании што соработуваат со српски деловни партнери. Тој наведе дека трговската размена меѓу двете земји во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра и дека неколку домашни компании веќе побарале помош од Владата.

  • Неколку компании ми се јавија, македонски компании, кои велат дека мојот партнер е пред банкрот или е банкротиран во Србија, бидејќи му се блокирани средствата во „Алта банка“. Ме прашуваат што да правиме, ве молиме како Влада помагајте. Тоа ќе биде многу поголем проблем – рече Мицкоски.

Тој оцени дека финансиските тешкотии на српските компании би можеле да доведат до затворање бизниси и губење работни места и во Македонија. Мицкоски ја обвини опозициската СДСМ дека шири невистини и создава паника кај граѓаните, споредувајќи ги нејзините реакции за „АЛТА банка“ со претходните критики за заемот од Унгарија и стратешкиот договор со Обединетото Кралство. Тој побара Јавното обвинителство да ги разгледа постапките на опозицијата, оценувајќи ги како саботажа.

  • Ред е и Јавното обвинителство да се позанимава, согласно Кривичниот законик, со ова кривично дело саботажа што го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, создавајќи немир и чувство на несигурност кај граѓаните – рече Мицкоски.

Премиерот направи споредба и со пропаѓањето на „Еуростандард банка“ во времето на претходната власт, повторувајќи обвинувања за тогашното постапување на функционери од СДСМ.

Најнови вести од: Македонија

Гувернерот на средба во ПИОМ: Започна исплатата на средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола

На средбата беше истакната и важноста на континуираната комуникација и соработката со здруженијата на пензионерите, како значајни партнери во навременото информирање на граѓаните и заштитата на нивните права како корисници на платежните услуги.

Нови правила и инвестиции во паметни броила за побрза енергетска транзиција

Граѓаните можат да видат дали нивното броило е прочитано или не во својата сметка, каде што ако стои ознака О се работи за прочитано броило, а ако стои ознака М се работи за паушално одреден износ.

Рокас: Оваа година има поголем напредок наспрема 2025, но не се завршени уставните промени, договорени во 2022

– Во овогодинешниот извештај е забележан поголем напредок во однос на минатата година, особено во областите за дигитална трансформација, истражување, наука, образование, како и во преземањето чекори во владеењето на правото – изјави евроамбасадорот Михалис Рокас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

Министерство за транспорт: СДСМ и ДУИ ги уништија „Македонски железници“, Обвинителство да постапи по ревизорските извештаи

Јавните претпријатија „Македонски железници транспорт“ и „Mакедонски железници инфраструктура“ ги примиле двата Ревизорски извештаи за периодот во кој со претпријатијата раководеа кадрите на СДСМ и ДУИ. Во Ревизорскиот извештај, кој е изготвен на барање на актуелните раководства во двете јавни претпријатија се нотирани клучни проблеми и за истите веќе се преземени мерки, информираат од Министерството за транспорт.

Мицкоски: ЕУ-извештајот во 2026 е подобар од 2025, немаме недостиг на реформи, туку наметнат билатерален спор, кој е хендикеп за евроинтеграцијата

Премиерот Христијан Мицкоски оцени денеска дека годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите е подобар од минатогодишниот, посочувајќи дека во него нема ниедна оценка за назадување, а во две преговарачки поглавја е забележано зголемување на нивото на подготвеност за членство во Европската Унија.

Никовски: Оваа власт не дозволува да нѐ плукаат и не коленичи! Покажа дека не можат со нас да си играат како што сакаат и да нѐ манипулираат!

-Новата власт направи, да не речам револуционерни промени, го промени вокабуларот, престана да дозволува да не плукаат, да коленичи и прстана да дозволува да не полнат со кнедли кои ги голтаме, престана да го прави тоа и мора да и се симне капа. Тоа е дури една револуционерна промена. Значи, ги постави поинаку работите и покажа дека не сме една аморфна маса, покажа дека не можат со нас да си играат како што сакаат и да не манипулираат. И тоа е резултат кој заслужува почит, изјави поранешниот амбасадор, колумнист и писател Ристо Никовски во емисијата „За македонските работи“ на ТВ Алфа.

Ибрахими: Ахмети ја „продава“ како национална преродба победата во Брвеница, но таа е под правна власт на РМ како и сите општини со албанско мнозинство!

„Општина Брвеница доби претседател-Албанец, но лидерот на ДУИ Али Ахмети ја продава оваа победа како национална преродба! Брвеница е навистина албанска, но е под надлежност и правна власт на Република Македонија, исто како и сите други општини со албанско мнозинство. Според Уставот, Македонија е унитарна и централизирана држава, каде што суверен народ се Македонците. Додека Албанците, според овој Устав и ‘националните заслуги’ на Али Ахмети Ахмети остануваат народ од втор ред.“ – изнесува на својот фејсбук-профил Орхан Ибрахими. Тој е сега еден од основачите и лидерите на политичкото движење „Арберија“, кое дејствува во рамки на владината членка коалицијата „Вреди“.

Најнови вести

To top