Движењето ЗНАМ – За наша Македонија преку соопштение ги отфрли критиките што Алијансата за Албанците и СДСМ ги упатија кон претседателот на партијата Максим Димитриевски. Од ЗНАМ ги оценија како лични дисквалификации и обиди за политичка дискредитација.
Партијата нагласува дека патриотизмот не се докажува со навреди, туку со конкретни одлуки и преземање одговорност.
Како пример го посочуваат потегот на Димитриевски од 2017 година, кога пред локалните избори доброволно се откажал од пратеничкиот мандат за да влезе во трка за градоначалник на Куманово, без да задржи резервна позиција во Собранието.
ЗНАМ јасно порачува дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите, и дека за ова прашање нема простор за политички пазарења.
Од партијата посочуваат дека се отворени за разговори со владините партнери, но нема да отстапат од својот став.
Во однос на евроинтеграциите, ЗНАМ повторува дека Македонија сака членство во Европската Унија, но не прифаќа еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет.
Партијата останува на предлогот за одложено дејство на уставните измени и бара почитување на правата на Македонците во Бугарија, како и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, од ЗНАМ побараа да бидат презентирани конкретни докази, факти и документи. Доколку постојат докази за незаконско постапување, сметаат дека надлежните институции треба да постапат.
Од партијата ги отфрлија и оценките за наводен пад на нивната поддршка, потсетувајќи дека на изборите во 2024 година освоиле 56.232 гласа, односно 5,59 проценти и шест пратенички мандати.
Според интерната анкета на Движењето ЗНАМ, актуелната поддршка за партијата е над 4,5 проценти, што би одговарало на околу 50.000 до 55.000 гласови доколку изборите се одржат денеска.
ЗНАМ порачува дека нема да ги менува своите принципи според дневнополитичките потреби, ниту ќе прифаќа еднострани отстапки без реципроцитет.
„Македонија не е предмет на политички пазар. Таа е наша одговорност и обврска. Патриотизмот се докажува со дела, со став и со подготвеност да се преземе одговорност за државните интереси“, порачуваат од партијата.