Напредокот кон Европската Унија не е само формалност, туку бара спроведување реформи и конкретни резултати што граѓаните ќе ги чувствуваат во секојдневниот живот, порача денеска вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.
По одржаниот состанок во Владата, со кој претседаваше премиерот Христијан Мицкоски, а кој беше посветен на Реформската агенда, Сали на својот профил на Фејсбук истакна дека државата мора да покаже вистинска посветеност на европскиот пат.
На состанокот биле детално разгледани тековните активности, приоритетните области и динамиката со која се спроведуваат предвидените мерки од агендата.
„Наша одговорност е секоја институција навремено да ги исполни своите обврски, со јасни цели и континуирана координација“, нагласи вицепремиерот Сали.
Тој додаде дека Министерството за европски прашања останува целосно фокусирано на остварување мерливи резултати преку зајакнување на ефикасноста на институциите, унапредување на владеењето на правото и создавање подобри услови за економски развој.
Според Сали, исполнувањето на сите обврски предвидени со Реформската агенда претставува директно вложување во довербата на граѓаните и во европската иднина на земјата.