Македонија

Бројот на жртвите порасна на девет: Нови детали за крвавиот напад во Полска

Напаѓачот пукал кон минувачи, кочијаши и трамвај полн со патници пред да биде совладан од полицијата

Девет лица се жртви на крвавиот напад што се случи вчера во историскиот центар на полскиот град Краков, откако полицијата пронајде уште три тела во домот на напаѓачот. Во вооружениот напад на главниот градски плоштад беа убиени шестмина минувачи, а уште 16 лица се повредени, меѓу кои и двајца полицајци.

Премиерот на Полска, Доналд Туск, потврди дека во куќата на 24-годишниот осомничен во градот Островјец Свјетокшиски, на околу 200 километри од Краков, биле откриени телата на две жени и еден маж. Истражителите проверуваат дали станува збор за неговите родители и сестрата. Телата биле пронајдени со помош на полициски дрон, а поради сомневања за поставени експлозивни направи, објектот бил веднаш евакуиран и биле ангажирани специјални антитерористички единици.

Нападот се случил во саботата, на 7 ноември, нешто по 15 часот. Напаѓачот, облечен во облека во воен стил, со автомобил влегол во пешачката зона и отворил оган од полуавтоматско оружје кон случајни минувачи. Меѓу убиените на лице место се четири жени и двајца мажи, од кои еден е странски државјанин.

Покрај минувачите, осомничениот пукал и кон кочијашите на главниот плоштад, при што двајца од нив се во животозагрозувачка состојба. Тој отворил оган и кон трамвај со патници на линијата број 1, искршувајќи го стаклото на кабината, но за среќа возачот и патниците останале неповредени.

Полицијата го пресретнала напаѓачот во реонот на улиците Дитла и Страдомска, каде што по кратка престрелка тој бил ранет и уапсен. Меѓу 16-те повредени има и петмина странски државјани од Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија, како и двајца полициски службеници, од кои едниот е во тешка здравствена состојба.

Високи претставници на полската влада го оценија настанот како незапомнет акт на насилен екстремизам. Министерот за одбрана Владислав Кошњак-Камиш и премиерот Туск го нарекоа масакрот терористички чин, додека министерот за внатрешни работи Марчин Кервински истакна дека напаѓачот бил приврзаник на радикални крајнодесничарски идеологии.

Властите прогласија дводневна национална жалост на 8 и 9 ноември, додека во Краков локалната жалост ќе трае до 11 ноември. Бројни европски лидери изразија сочувство и остра осуда за овој трагичен настан.

Најнови вести од: Македонија

To top