Македонија

Кристи Мекормик номинирана за нова амбасадорка на САД во Македонија

Нејзината номинација треба да биде одобрена од Сенатот до крајот на декемвр

Кристи Меккормик, од Калифорнија, е номинирана за позицијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.

Нејзината номинација треба да биде одобрена од Сенатот до крајот на декември.

Меккормик е американски правен експерт со долгогодишно искуство во федералната администрација, при што се фокусира на заштитата на избирачките права, организацијата и надзорот на изборите, како и на зајакнувањето на владеењето на правото. Во текот на својата кариера, таа извршувала значајни функции во Министерството за правда на САД, Комисијата за помош при избори на САД и Амбасадата на САД во Ирак.

На 16 декември 2014 година, по номинацијата од страна на тогашниот претседател Барак Обама, Меккормик беше потврдена од Сенатот на САД со едногласна одлука за член на Комисијата за помош при избори на САД (EAC). За време на нејзиниот мандат во оваа институција, таа во два наврати ја извршуваше функцијата претседавач. Според нејзината официјална биографија, таа исто така ја извршуваше улогата на федерален претставник назначен за Комитетот за развој на технички насоки.

Меккормик го предводеше процесот на реструктуирање на Комисијата, по неколкугодишен период во кој институцијата функционираше без комесари. Таа го организираше првиот самит посветен на изборните податоци, како и првиот самит посветен на еднаквиот пристап до изборите, со посебен фокус на прашањата поврзани со јазикот. Во текот на својата работа, таа оствари средби со гласачи и законодавци ширум Соединетите Држави и вршеше набљудување на изборните процеси во речиси секоја американска сојузна држава.

Значаен дел од кариерата на Меккормик е поврзан со нејзината работа во Ирак. Во периодот 2009–2010 година, по назначување од страна на заменик-јавниот обвинител на САД, таа работеше во Амбасадата на САД во Багдад како виш правен советник и вршител на должноста заменик-координатор за владеење на правото. Во тој период, Меккормик дејствуваше како американски експерт за избори, вршејќи надзор над националниот изборен процес во Ирак, кој вклучуваше и опсежно повторно пребројување на гласовите.

Понатаму, таа учествуваше во бројни иницијативи – предводени од Соединетите Држави и силите на меѓународната коалиција – насочени кон зајакнување на владеењето на правото и правните институции во Ирак. Од 2006 година, па сè до нејзиното именување во Комисијата за помош при изборите на САД, Меккормик работела како виш правник во Министерството за правда на САД, поточно во Одделот за гласање при Секторот за граѓански права.

Во оваа улога, таа била одговорна за правно гонење на прекршувањата на федералните одредби со кои се забранува дискриминација во изборните процеси. Нејзиното искуство опфаќа постапување по прашања поврзани со уставните права, еднаквоста пред законот и заштитата на граѓанските права.

Засега нема официјални информации кога Мекормик би можела да ја преземе функцијата и да пристигне во Скопје. Исто така, во објавената номинација не се прецизирани приоритетите што би ги имала во евентуалниот амбасадорски мандат. За нејзиното официјално именување претстои постапката во американскиот Сенат.

Најнови вести од: Македонија

To top