ГЕРБ бара оставка од премиерот Румен Радев и од министрите одговорни за тешката трагедија, соопшти заменик-претседателот на партијата, Даниел Митов, за време на брифинг во Народното собрание, пренесува „Нова ТВ“.
Митов ја обвини владата за неактивност и за обид одговорноста за тешките верижни судири на автопатот „Тракија“ – во кои загинаа 11 лица, а десетици беа повредени – да ја префрли врз претходната власт.
Изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите, тој изјави дека ГЕРБ првично имале намера да се воздржат од политички изјави на денот на оваа национална трагедија, но дека коментарите на оние што се на власт наметнале потреба од одговор.
Премиерот Румен Радев апелираше да не се бара политички капитал од оваа голема трагедија.
Но, партијата ГЕРБ бара политичка одговорност, укажувајќи на отсуство на соодветни мерки и на недостатоци во организацијата на безбедноста на патиштата. „Овој политички потег ќе се манифестира преку иницијатива за собирање потписи за гласање недоверба. Тие потписи ќе бидат собрани.
Секој може да побара оставка од владата – било да сме тоа ние, како политички субјект и најголема опозициска партија во парламентот, или пак обичен граѓанин на улица. И, судејќи според начинот на кој работи оваа влада, тоа веројатно ќе почне да се случува многу наскоро“, рече Митов.