Свет

Франција предупредува: Германски ракети би можеле да предизвикаат нуклеарна војна

Ако Русите погрешно протолкуваат, удар врз руска цел со употреба на конвенционално оружје може да предизвика нуклеарен одговор

 

Франција бара од Германија јасно да дефинира како планира да ги користи ракетите со долг дострел во случај на конфликт со Русија.

Париз предупредува дека, без таква стратегија, Европа би можела ненамерно да се најде во нуклеарна војна, пренесува „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

Според шест лица запознаени со разговорите, Париз преговара со германски претставници за усогласување на доктрината на Берлин за прецизни удари длабоко на непријателска територија – позната како „Длабок прецизен удар“ (Deep Precision Strike – DPS) – со нуклеарната стратегија на Франција.

Еден француски претставник предупреди на можноста удар врз руска цел со употреба на конвенционално оружје може да предизвика нуклеарен одговор.  „Ако Русите погрешно го протолкуваат сигналот, би можеле да го преминеме нуклеарниот праг, а притоа и да не бидеме свесни за тоа“, додаде тој.

Франција е загрижена бидејќи Германија – заедно со Обединетото Кралство, Полска, како и нордиските и балтичките земји – значително го проширува својот арсенал на оружје со долг дострел, со цел да го зајакне европското одвраќање кон Москва.

Берлин набавува и развива низа ракети што се лансираат од копно, со дострел од 500 до над 2.000 километри, што би им овозможило на германските сили да напаѓаат цели длабоко во внатрешноста на Русија.

Овие потези се дел од напорите на Германија да преземе водечка улога во европското повторно вооружување, како одговор на руската инвазија врз Украина, но и поради неизвесноста околу безбедносните гаранции од САД за време на претседателствувањето на Доналд Трамп. Трката за набавка на оружје со долг дострел поттикна дебата за тоа кога и како би можело тоа да се употреби, како и каква реакција би предизвикало тоа од страна на Кремљ.

Франција разговара за својата нуклеарна доктрина со неколку европски земји, по најавата на претседателот Емануел Макрон во март за започнување дијалог за тоа како француската нуклеарна програма би можела да ги заштити нејзините партнери. Сепак, Париз става посебен акцент на Германија, со оглед на нејзиниот огромен одбранбен буџет – кој до крајот на 2030 година ќе достигне 780 милијарди евра – како и на нејзините амбициозни планови за повторно вооружување.

Француските претставници стравуваат дека, според концептот на Макрон за „напредно одвраќање“ (forward deterrence), Москва би можела да го смета Париз одговорен за нападите извршени од неговите сојузници.

„Ако поканите некого во вашиот дом, вие сте одговорни доколку тој го запали“, изјави официјално лице запознаено со разговорите.

Најнови вести од: Свет

To top