Инфлацијата во Македонија продолжува да забавува. Трошоците на живот во јуни на месечно ниво бележат пад од 0,5 %, а со годишна инфлација од 3,4 % (јуни 2026 наспроти јуни 2025) Македонија има релативно пониска и постабилна годишна инфлација во споредба со поголемиот дел од земјите во регионот, кои веќе ги објавија податоците за овој месец. Иако уште е рано да се даде конечна оцена, експертите очекуваат трендот на стабилизација на инфлацијата да продолжи и во следниот период, пред сѐ под влијание на меѓународните движења на цените на храната и нафтените деривати, и укажуваат дека во производите за храна треба да има зголемена контрола на маржите бидејќи увозниците на храна го користат поволниот курс на еврото, но и внимателност и претпазливи економски политики, кои ги следат инфлациските очекувања и да не создаваат нови домашни инфлациски притисоци преку прекумерна јавна потрошувачка, раст на трошоци без продуктивност или неконтролирани маржи.
Македонија во јуни има стапка од 3,4 %, што е пониско од Грција, Бугарија и Хрватска, а сме речиси изедначени со Словенија. Инфлацијата во јуни годинава во Грција изнесува 3,9 проценти, во Бугарија 5,6, во Хрватска 4,5, Словенија 3,6, а во Турција инфлацијата изнесува високи 32,11 %. За другите земји од регионот последните достапни податоци се за мај, каде што Косово води со 6,8 % по што следат БиХ 5,6%, Црна Гора 3,6%, Србија 3,5% и Албанија со стапка од 3%.
Податоците, исто така, покажуваат огромен напредок во скротувањето на ценовните шокови во изминатите четири години. Ако во јуни 2022 година, на почетокот на воената криза во Украина, Македонија се соочуваше со двоцифрена и алармантна инфлација од дури 14,5%, денес, во јуни 2026 година – и покрај новите глобални геополитички тензии меѓу САД и Иран – домашната инфлација е сведена на само 3,4%. Тоа е намалување на притисокот врз цените за речиси четири пати (1:4) во споредба со врвот на енергетската криза од пред четири години.
Како успеавме да го амортизираме ценовниот притисок подобро од некои земји-членки на ЕУ во регионот и колку е одржлива оваа позиција, како и дали овој јунски пад на цените е само сезонско олеснување или почеток на потрајна стабилизација и мерките на монетарната политика конечно дејствуваат. Професорот Благоја Самакоски, посочува дека прашањето за инфлацијата во моментов е критичен проблем за сите економии во светот бидејќи енергенсите секаде влијаат на цените на производите, но дека треба да има зголемена контрола на маржите бидејќи увозниците на храна го користат поволниот курс на еврото.
- Енергенсите секаде влијаат на цените на производите и Македонија не можи да се исклучи од светската економија бидејќи е врзана за светскиоте економии. Сегашната инфлација е сепак под контрола, а во производите за храна треба да има зголемена контрола на маржите бидејќи увозниците на храна го користат поволниот курс на еврото. Сепак треба да се размислува и за постепено зголемување на курсот на еврото со што извозните субјекти, а особено производителите на храна ќе имаат зголемена конкурентност и дома и надвор – посочува Самакоски.
Околу економската активност на македонското стопанство, Самакоски вели дека секогаш кога се поставувало прашањето дали расте или опаѓа економијата гледал на прометот со тешки камиони на релацијата Битола Скопје.
- Во моментов имаме зголемување и тоа големо, а тешките камиони не возат воздух туку стока, суровини, опрема и готови производи. Се сеќавам кога Бранко Црвенкоски беше претседател на владата само понеколку камиони имаше на таа релација. Денес, и покрај тоа што патот е многу подобар, имаме десетици и десетици камиони. И тоа е добар индикатор за раст на економијата – заклучува Самакоски.
Во однос на отпорноста на нашата економија во изминатите години и што може да се смени како научени лекции од претходните кризи, Самакоски вели дека владините субвнеции значително помогнале во подобрување на економијата, но дека Владата треба да најде инструменти за поттикнување на извозот што не е лесна задача.
- Владата во последниве години обезбеди пари за нови инвестиции во производство и форма на субвенции кои значително помогнаа во подобрување на економијата. Но сметам дека владата и покрај позитивните придонеси за растот на економијата треба да најде инструменти за поттикнување на извозот што не е лесна задача поради превземените обврски со прегворите за пристап кон ЕУ. Никоја држава не опстанала со поволни позиции на увозниците туку со поттикнување на извозот. Верувам дека оваа тешка задача владата ќе најде начин да ја разреши – изјави Самаковски.
Директорот на Статистика Дејан Станков, вели дека уште е рано да се даде конечна оцена дали е ова регионален или глобален тренд, со оглед дека повеќето земји сѐ уште ги немаат објавено податоците за инфлацијата за јуни, но нагласува дека ценовниот индекс на храната на ФАО бележи континуиран пад во текот на три месеци, при што во јуни индексот изнесува 130,3 поени, што претставува месечно намалување од 0,5 процентни поени, а дополнително, олабавувањето на конфликтот на Блискиот Исток и падот на цената на суровата нафта на светските берзи со одредено задоцнување ќе придонесат и за дополнителна стабилизација на цените на нафтени деривати во домашната економија.
- Сите овие индикатори укажуваат дека трендот на стабилизација на инфлацијата ќе продолжи и во следниот период, пред сѐ, под влијание на меѓународните движења на цените (главно, на цените на храната и нафтените деривати), како и на состојбата во домашната инфлација набљудувана преку стабилизирање на одредено ниво на цените на нафтените деривати и преку трендот на цените на храната како резултат, меѓу другото, на намалувањето на цените на сезонските земјоделски производи – изјави Станков.
Годишната стапка на инфлација во јуни изнесува 3,4% и бележи изразен надолен тренд споредено со стапката во мај, кога истата изнесуваше 4,8% и април, кога годишната стапка на инфлација достигна ниво од 5,7 %. Процесот на дезинфлација, нагласува Станков, се потврдува и со негативната стапка на месечната инфлација, која во јуни изнесува -0,5 % и е резултат на пониските цени во групата Храна и безалкохолни пијалаци, кои учествуваат со околу 40 % во вкупната инфлација, во која е забележан пад од -1,1%, како и во групата Транспорт, во која падот изнесува -1,6 %.
- Намалувањето на месечните индекси во групата Храна и безалкохолни пијалаци е поради пониските цени во подгрупите (i) Зеленчук (за – 8,6 %), (ii) Овошје (за -2,4 %), Млеко, млечни производи и јајца (за -0,6 %), како и во подгрупата (iv) Шеќер, слатки и десерт (за -0,4 %), додека намалувањето на индексот во групата Транспорт е поради пониските цени во подгрупата (i) Услуги на патнички транспорт (за – 6,7 %) и (ii) Набавка на возила (за – 0,9 %). На годишно ниво, стапката на инфлација на храната во јуни изнесува 2,4 %, како резултат на падот на годишната стапка кај (i) овошјето (за -8,9 %), (ii) зеленчукот ( за -1,1 %) и (iii) шеќерот, слатките и десертите (за -0,3 %). За потсетување, во мај годишната стапка на инфлација на храната изнесуваше 4,6 %, а во април 7,6% вели Станков.
Профeсорот Борче Треновски, вели дека инфлацијата се смирува, но не треба да се прогласи крај на ценовните ризици.
- Податоците покажуваат дека последниот месец притисокот повеќе не e кај храната, туку и кај транспортот, тутунот, горивата и дел од услугите. Бидејќи сме мала и отворена економија, секој надворешен шок — нафта, енергија, конфликти или нарушени синџири на снабдување — брзо може да се пренесе врз домашните цени. Затоа треба смиреност, но и внимателна економска политика дома – вели Треновски.
Во следниот период, според Треновски, најреално е да очекуваме инфлацијата да остане во умерена зона, но со можни осцилации.
- Пораката треба да биде смирувачка: не сме во инфлацискиот пик од 2022 година, но потребна е внимателност — особено кај енергенсите, транспортот, услугите и домашните трошоци. Економските политики треба да бидат претпазливи, да ги следат инфлационите очекувања и да не создаваат нови домашни инфлациски притисоци преку прекумерна јавна потрошувачка, раст на трошоци без продуктивност или неконтролирани маржи – нагласува Треновски.
Годишната инфлација во јуни од 3,4% покажува дека ценовните притисоци се значително посмирени во споредба со претходниот кризен период, но Треновски вели не се целосно исчезнати и подеталната структура покажува дека треба внимателност. Дополнително, вели се забележува раст кај повеќе услуги: реални наемнини за домување, услуги за одржување и поправка на живеалиштето, домашни услуги, поправка и инсталирање апарати за домаќинство, туристички аранжмани, сместување, стоматолошки и финансиски услуги. Ова, како што вели Треновски, е важно затоа што инфлацијата постепено се префрла од класичните шокови кај храната и енергијата кон дел од услужниот сектор, каде цените обично се поспори за корекција надолу.
- Затоа оценката треба да биде умерено позитивна: инфлацијата се смирува, но економијата останува изложена на ризици. Македонија е мала и отворена економија, со висока зависност од увоз на храна, енергија, суровини и транспортни трошоци. Поради тоа, меѓународната неизвесност — конфликтите, нарушувањата во синџирите на снабдување, цените на нафтата и енергенсите — може релативно брзо да се пренесе врз домашните цени – посочува Треновски.
Во регионален и европски контекст, ова не е изолиран процес. Инфлацијата се смирува и во еврозоната, каде Eurostat проценува дека годишната инфлација во јуни 2026 се намалила на 2,8%, од 3,2% во мај. Но, разликите меѓу земјите остануваат значајни, што покажува дека домашната структура на економијата, зависноста од увоз, уделот на храната и енергијата во потрошувачката кошница и состојбата на пазарот на труд имаат големо значење за тоа како ќе се движат цените.
- Во споредба со регионот, моментално сме во групата земји со поумерена инфлација — блиску до Србија, Албанија, Словенија и Црна Гора, а пониско од Бугарија, Хрватска, Косово и БиХ. Сепак, овие споредби треба да се земат внимателно, бидејќи инфлацијата се менува од месец во месец и многу зависи од структурата на економијата, увозната зависност, цените на храната, енергијата и транспортот – вели Треновски.