Бизнис

И со платата од над 1.000 евра во Македонија има сѐ помалку рудари

Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,7%, соопшти ДЗС.

Во месецот кога во Македонија ќе се одбележи Денот на рударите, земјава регистрира сѐ помалку работници во рудниците, а истовремено не се реализираат ниту нови инвестиции во оваа индустриска гранка. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата е намален за 2,3% во јуни 2026 во однос на јуни 2025 година, а најголемиот пад е забележан во рударството.

  • „Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,7%“, соопшти ДЗС.

Наспроти ваквиот негативен тренд, од друга страна паралелно расте и платата на вработените во рударството, кои сега заработуваат над 1.000 евра месечно. Но, инвестициите во секторот продолжуваат да наидуваат на пречки, а последна беше онаа за рудник за бакар во Иловица, па нови работни места нема.

Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ која стои зад инвестицијата во Иловица, најави 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, со предност за локалното население, додека пак проценките се дека ќе се отворат 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот. Овие индиректни вработувања се очекуваат преку соработката на компанијата со локалните добавувачи и изведувачи, а тука се опфатени услугите за снабдување со храна, транспорт, сместување… Овие дополнителни активности се предвидува дека засилено ќе го активираат локаното население и многу локални фирми ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот животен стандард.

Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Канал 5 ТВ, нагласи дека рудниците се проекти кои имаат додадена вредност и треба да се отворат ако се исполнети сите неопходни критериуми и стандарди.

  • Тоа се скапи објекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери итн. Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава – истакна Лепиткова.

Сепак, додека нема нови инвестиции сѐ помал е и интересот кај младите да ги изучуваат овие струки. Претседателот на Здружението на металурзи и професор, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ, сподели поразителни бројки за новозапишани студенти, додавајќи дека ваквиот вид на образование ѝ е потребен на државата.

  • Интересот за оваа професија е многу мал. Сега во моментов бараме и поддршка и од државата, затоа што многу мал број студенти се запишаа на Технолошко-металуршкиот факултет. И покрај тоа што имаме многу добра соработка со индустријата, којашто дава стипендии за сите што ќе се запишат на металургија, бројот останува многу мал. Последната година беа шест, од кои само тројца продолжија во втора година. Нема интерес – заклучи Начевски.

Во 2022 година имало 6.678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

To top