Бизнис

Народна банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25%, неизвесност и натаму има

Извршниот одбор на Народната банка на денешната редовна седница одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25 отсто. Одлуката се заснова врз најновите макроекономски показатели и очекувања, како и врз оцените за ризиците од домашното и надворешното окружување.

Движењата на девизниот пазар се стабилни, при што во периодот јули  ̶  август, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Сепак, и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно како резултат и на повисоките цени на енергентите. Нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона и е соодветно на целта за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, обезбедувајќи 4,5 месечна покриеност на увозот на стоки и услуги.

Годишната стапка на инфлација се задржува на умерено ниво, но во август беа видливи ефектите од растот на светските цени на енергентите врз домашната инфлација. Извршниот одбор оцени дека сѐ уште е рано за да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, особено имајќи го предвид високиот степен на неизвесност во надворешното окружување. Имено, натамошното заострување на воените дејствија на Блискиот Исток, како и на војната помеѓу Русија и Украина, придонесе за повторен силен раст на цените на нафтата и останатите енергенти и за нарушувања во синџирите на снабдување, со можни пренесени ефекти врз девизниот пазар и домашните цени во следниот период. Покрај ова, и натаму опстојуваат домашните фактори коишто влијаат на побарувачката и создаваат ризици за идната динамика на инфлацијата. Во вакви услови, беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, при што присутната неизвесност упатува на потребата од задржување на претпазливиот пристап.

Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени досега кај задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата. На последниот состанок во септември, Европската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, во услови на понатамошни инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, при што оцени дека инфлацијата ќе остане значително над целното ниво подолг период.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на август, девизните резерви изнесуваат 5.101 милион евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при што во периодот јули  ̶ август, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Сепак, со оглед на поголемиот износ на продажби на почетокот на годината, збирно, во изминатиот период од 2026 година Народната банка интервенира со нето-продажба на девизи. Притоа, промената на девизните резерви засега е малку подобра од очекувањата во априлската проекција.

Во август 2026 година, годишната стапка на инфлација изнесува 2,6% (2,3% во јули). Растот на светските цени на енергентите се одрази и врз домашните цени, преку забрзување на растот на енергетската компонента на инфлацијата. Остварената инфлација е нешто послаба во однос на очекувањата во априлските проекции, при помал раст кај цените на храната од очекуваното. Сепак, инфлациските притисоци и натаму опстојуваат, при исклучително голема променливост на увозните цени, што создава ризици во однос на патеката на инфлацијата во следниот период. Најновите ревизии на увозните цени релевантни за инфлацијата се нагорни, при изразена неизвесност за идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи.

Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување. Во вториот квартал од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП забрза и изнесува 4,3%, што е повисоко во однос на априлската проекција. Растот во еден дел се должи на бруто-инвестициите, главно поради градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти. Во монетарниот сектор, кредитната поддршка и натаму е посилна во однос на проекциите, и е фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значајно од проектираната патека.

Народната банка и натаму ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

Најнови вести од: Бизнис

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

„Алкалоид“ со 23. учество на водечкиот глобален фармацевтски настан CPHI

Продолжува традиционалното присуство на „Алкалоид“ на една од водечките глобални платформи во фармацевтската индустрија, со фокус на продлабочување на меѓународните партнерства, следење на најновите индустриски трендови и отворање нови можности за развој.

Анализа: Инфлација 2,7% за септември – за една година храната поскапа за 1,7 проценти

Во септември во однос на август нема никаква инфлација, односно трошоците за живот останале непроменети, објави Државниот завод за статистика. Иако ова е позитивна вест, на годишно ниво сè е поскапо од ланскиот септември. Годишната инфлација изнесува 2,7 проценти.

Една година во СЕПА: Над 5 милиони евра заштеди за граѓаните и фирмите

Народната банка останува посветена на натамошна модернизација и приближување на домашниот финансиски систем до европските стандарди и унапредување на платежната инфраструктура што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе обезбеди современи, брзи и достапни плаќања за граѓаните и бизнисите.

To top