Бизнис

Влада: Буџетот е стабилен и ликвиден

Според нив, реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, со традиционално најголема активност во последниот квартал од годината – правило кое, како што посочуваат, секој што ја следи фискалната политика го знае

Граѓаните да спијат мирно. Буџетот е стабилен и ликвиден, велат од Владата во денешната реакција откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изнесе податоци за состојбата на државниот буџет, предупредувајќи дека до крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за покривање на сите трошоци. Од Владата во соопштението обвинуваат дека Филипче изнесува неточни податоци за состојбата на економијата и буџетот. Оттаму порачуваат дека иако немаат намера да учествуваат во „евтини политички препукувања“, нивна должност е да ги изнесат фактите.

  • „Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено“, се наведува во соопштението.

Според нив, реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, со традиционално најголема активност во последниот квартал од годината – правило кое, како што посочуваат, секој што ја следи фискалната политика го знае.

  • „Водиме дисциплинирана фискална политика, буџетот за 2025 година е планиран внимателно и со јасна стратегија, со акцент на капитални инвестиции, економски раст и социјална стабилност“, се вели во реакцијата.

Оттаму додаваат дека во периодот на СДСМ „буџетските дупки се полнеа со непродуктивни задолжувања и јавниот долг беше зголемен за над милијарда евра без видлив економски ефект“. Во соопштението од Владата велат дека изнесуваат „факти, а не конструкции“. Проектираниот дефицит за годинава, од Владата велат дека изнесува 41,4 милијарди денари, што е за 3,3 милијарди денари пониско од лани, а досегашната реализација е 36,4 милијарди денари.

За јавниот долг велат дека заклучно со јули изнесува 58,7 отсто, а очекувањата се до крајот на годинава да биде понизок од проектираниот 62,1 проценти.

  • „Да го потсетиме ли Филипче дека од година за година го надминуваа овој критериум? Да го потсетиме ли Филипче дека во првите месеци од 2025 година, Министерството за финансии исплати еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година од претходната влада?“, се додава во дописот.

Исто така, од Владата додаваат и дека заклучно со 14 октомври, капиталните расходи изнесуваат 20,8 милијарди денари, што претставува раст од 17,9 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Во реакцијата од Владата се наведуваат и, како што велат, позитивни трендови во економијата како тоа дека реалниот БДП во второто тримесечје од годинава е пораснат за 3,4 отсто, стапката на невработеност е намалена на историски најниско ниво од 11,5 проценти, а инфлацијата е стабилизирана на четири проценти во септември, со тренд на намалување.

Лидерот на СДСМ на прес-конференција рече дека на 75 дена пред крајот на 2025 година, реализацијата на приходите изнесува 70,78 отсто или 256,5 милијарди денари, додека расходите се на ниво од 72,82 проценти или речиси 294 милијарди денари. Филипче рече и дека економијата во надолна линија ја влече драматично ниската реализација на капиталните инвестиции. Тој рече дека наспроти пораките на власта за некакви економски „успеси“ реалноста е дека Светската банка има проекции за пораст на јавниот долг до 62,9 отсто од БДП, но вели дека и на овие бројки државата има скриен долг од 700 милиони евра.

Најнови вести од: Бизнис

Алкалоид на форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“: Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор

Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè

Инфлацијата годинава треба да падне под 3 отсто, очекува Владата

Што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме, вели премиерот.

Пратениците пак се скараа за парите – СДСМ бара 600 евра минималец, ВМРО-ДПМНЕ смета дека платите мора да растат според економските параметри

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, од собраниската говорница порача дека дебатата за минималната плата е политички инструирана и не ја отсликува реалната слика на пазарот на труд. Одговарајќи на пратеничко прашање од Левица, тој изнесе податоци според кои бројот на луѓе кои живеат само од минимална плата е занемарлив.

Нема повеќе профит врз грбот на граѓаните, Владата воведува ред на пазарот

Анализите во минатите години покажаа дека поради сивата економија државата губи милиони евра годишно. Само државниот буџет секоја година губи околу половина милијарда евра коишто би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или инфраструктурата.

Државната помош не смее да е товар на јавните финансии, туку инвестиција во одржливиот раст

Во државава недостига централизирање на државната помош, таа се води во разни институции, а тоа го отежнува управувањето со овие пари. Затоа е неопходно брзо да се направи централен регистар за државна помош, со широка палета програми што се нудат и на тој начин не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат ефектите од таа помош.

(Фото): Работник со минималец од 400 евра, заработува за газдата 4.700 евра, тврдат Синдикатите

Добар ден на сите освен на министрите во Владата, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата на кој ги повтори барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Заедно со Министерството за транспорт ќе ги решиме проблемите на превозниците, смета стопанството

Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците при престојот во шенген-зоната во преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на Европската Унија. Посочуваат дека веќе има позитивни одговори од некои од институциите и коморите по чекорите што ги презедоа за поголемо лобирање за наоѓање решение и апелираат на што поголем заеднички ангажман од сите во оваа насока.

To top