Државјанин на Република Македонија загина во тешка несреќа при изведување работи на железничка пруга во Хрватска.
Трагедијата во која животот го загуби 33-годишниот Македонец се случила во неделата околу 8:45 часот на железничкиот надвозник Сава – Јакушевец, во местото Мичевец, во близина на Велика Горица, соопшти хрватската полиција.
Тој бил вработен во компанија ангажирана за изведување работи на железничката инфраструктура и имал регулиран престој во Хрватска.
Во моментот на несреќата по пругата се движело товарно моторно железничко возило наменето за одржување на инфраструктурата, управувано од 59-годишен машиновозач. Од засега неутврдени причини, 33-годишниот македонски работник паднал на пругата и добил смртоносни повреди.
По пријавувањето на несреќата бил извршен увид под раководство на заменичка на Општинското државно обвинителство во Нов Загреб, со учество на полициски службеници, инспектор за заштита при работа и претставник на Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот, поморскиот и железничкиот сообраќај.
Телото на починатиот било пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб.
Надлежните институции продолжуваат со утврдување на причините и околностите под кои дошло до трагичниот настан.