Колумни

Лаен доаѓа со „европски булдожер“ во нов обид да го „раздроби“ „ѕидот“ на отпорот против бугаризацијата на македонскиот народ и држава (2)

Шпанија и Словачка во своите устави по никоја основа не предвидуваат и не дозволуваат национални малцинства, или етнички групи да можат да здобијат во нивните устави статус како „државотворни народи“, за да не им се овозможи на односните малцинства, или етнички групи, да здобијат право, согласно со меѓународното право, на територијална автономија и самоопределување до отцепување од овие две држави. Односно, право да прогласат сопствена држава на „својот дел“ од територијата на Шпанија и Словачка и потоа да ги припојат кон „своите матични држави“. Ова го истакнуваат реномирани европски и светски експерти за уставно право и политички науки. Токму тоа го бара Бугарија за „бугарските државотворци“ во Македонија, токму ова штедро го поддржуваат Урсула фон дер Лаен и ЕУ! Зошто Лаен не оди и во Шпанија и Словачка и таму да бара промени во нивните устави, па да добијат и некои од тамошните национални малцинства уставен статус како „државотворни елементи“ на Шпанија и Словачка (патем и членки на ЕУ!), па да имаат право на отцепување „свои делови“ и од териториите на Шпанија и Словачка и припојување на тие делови кон „своите матични држави“?!

Пишува: Свето Тоевски

„Треба да поминат уставните измени, за што очекуваме политичките сили да се здружат во земјата и да ги преземат потребните решителни чекори за напредок. – кажа Урсула фон дер Лаен, шефицата на Европската комисија, за време на своето претходно доаѓање во Македонија на 24 октомври 2024 година. Што друго ќе каже таа денес на своето ново доаѓање во Скопје и во разговорите со македонскиот државен врв?! „ЕУ очекува уставни измени во С.Македонија, која се обврза да го промени својот устав.“ – веќе порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на 24 септември 2025 година во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Урсула фон дер Лаен доаѓа во Македонија само на четири дена пред одржувањето на локалните избори. Во игра се пак уставните измени, таа го „визитира“ Скопје со запален „европски политичко-дипломатски булдожер“ во уште еден обид да го „раздроби“ „ѕидот“ на македонскиот отпор против бугаризацијата на македонскиот народ и држава. Основна политичка пристојност и имање чувство на политички морал би било причина за секој одговорен европски политичар и воопшто кај секој одговорен претставник на меѓународната заедница да се воздржи од „работна посета“ во Македонија баш во време на избори, за да не биде сфатен дека се меша во внатрешните работи на една суверена држава. Но, ова за Лаен не е проблем: таа доаѓа, за да искаже премолчано поддршка за оние македонските „проевропски партии“, кои, иако ќе учествуваат на локални, а не на парламентарни избори, ја нагласуваат својата „историска мисија да го продолжат патот на земјата кон ЕУ“.  Своето ланско „очекување политичките сили да се здружат во земјата и да ги преземат потребните решителни чекори за напредок“ Лаен ќе се обиде да го реактивира сега…

Без никаква намера да се вклучувам во предизборната кампања, заземајќи позиција во нечија полза, ќе кажам исклучиво од позиции на македонските државно-национални интереси на македонскиот народ и другите граѓани на македонската држава: гледајќи со „четири очи“ накај Брисел, СДСМ и ДУИ прејдоа во „европски јуриш“ со отворена намера да ја уриваат постојнава Влада на Република Македонија. Но, не им се ним цел само владава, ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, туку сме им директно ние, како македонски народ и оваа единствена држава, која ни е татковина и наша и на сите заедничка, барем би требало така и други да ја чувствуваат… СДСМ и ДУИ тргнаа во „европски јуриш“ за уривање на Република Македонија и пречка ним на тој пат им се постојнава владејачка коалиција, предводена од ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски! Локалните избори ги имаат ставено во втор план!

Кои се моите аргументи и докази за овие сериозни квалификации? На 24 септември 2025 година Али Ахмети од нивниот митинг од Тетово му ја упати следнава порака на Христијан Мицкоски: „Ако не го продолжи С.Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија!“ – имаше објавено информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“ во својата вест со наслов „Али Ахмети: Ако Македонија не влезе во ЕУ, тогаш некои ќе бидеме со Бугарија, некои со Албанија“. Дали ова не е закана кон територијалниот интегритет на Македонија за нејзина поделба на Македонија на „албански и бугарски дел“, „ако не се продолжел патот кон ЕУ“?! „Пораката до Мицкоски“ е поправо најдиректна порака до македонскиот народ и другите граѓани на оваа држава. На 11 октомври Ахмети ќе уточни со каква цел настапуваат тој, ДУИ и нивната опозициска коалиција: „Националната алијанса за интеграција не е само за општински избори, туку има голема национална мисија: целосна интеграција на С.Македонија во Европската Унија.“ Како што објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, лидерот на ДУИ ова го имаше кажано на нивниот митинг во Куманово.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче претходно веќе беше во Париз на 9 септември 2025 година на „инструктажа“ со членовите на тимот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој веќе шест години неуморно бара „правда за бугарските барања“, како што самиот има кажано. Од француската престолнина Филипче ја донесе нивната „најпатриотска резолуција“ за „македонските црвени линии“ во поглед на „евроинтегрирањето“. Клучно во тој документ е одредбата, односно наредбата до 10 февруари 2026 година да се стави „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав. Всушност, ова е „Француско-бугарска резолуција“ за претворање на Македонија во „втора бугарска држава во Балканот“, ова е алатка осмислена за конечно уривање на Македонија како држава. Ако им се даде можноста!

Нема за што друго да зборува и Урсула фон дер Лаен  во Скопје денес со државниот врв во Скопје, освен за вметнувањето на „бугарскиот државотворен  народ“ во преамбулата на македонскиот устав, без оглед на сите можни катаклизмични последици по територијалниот интегритет и политичкиот систем на Македонија, а посебно и за идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ. Не треба да се има никаков сомнеж околу тоа дека шефицата на Европската комисија ќе настапи исклучиво со намера да го „дисциплинира“ македонското државно-политичко раководство конечно и без одлагање да ги спроведе уставните промени во оваа смисла.

Барањето на Бугарија, со силната поддршка на ЕУ, да се внесат попишаните со последниот попис 3.504 илјади Бугари како „конститутивен народ“, односно како „државотворен народ“ во Уставот на Македонија споредбено го поврзувам со случајот на Шпанија. Во својата научна студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено, професор по уставно право на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, предупредува дека категоријата „конститутивен народ“ во Уставот на една држава води кон нејзино територијално расцепување и распад. Конкретно, тој нагласува дека, ако едно национално малцинство (што Бугарите не се во Македонија) добие уставен статус како конститутивен народ во одредена држава, тогаш ќе има и право на територијална автономија и самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава. „Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи – заклучува професорот Морено во својата студија.

Во овој контекст приведувам уште еден експертски став поврзан со праксата на уште една европска држава – Словачка. Во својата научна студија со наслов „Дефинирање на суверената заедница: Чешката и Словачката Република – национален идентитет, индивидуални права и учеството на малцинствата“ од 2009 година, д-р Надја Неделски, експертка за етнички малцинства и професорка по меѓународни односи во Универзитетот на Минесота, во Сент Пол, во САД, го анализира барањето на Унгарците што живеат во Словачка и кои бараат да добијат статус во словачкиот устав како „државотворен народ“ под образложение дека како тамошно „автохтоно население треба да го заштитат својот етнокултурен идентитет“.

Професорката Неделски нагласува од кои причини словачката држава го отфрла тоа барање на Унгарците, односно кои би биле последиците од „уставно признаениот етнички модел на суверенитет на Унгарците во рамките на словачката држава“, како што појаснува таа. „Право на државотворен статус и на етнички суверенитет не можат да добијат малцинските националности, или етничките групи во уставот на Словачка, бидејќи тие би добиле и право на самоопределување и би ја припоиле ‘својата територија’“ кон нивната матична држава. Територијата на државата Словачка е една целина и таа не може да се дели. Малцинските националности и етничките групи мора да се разликуваат од нацијата што ја формира државата. Оттука, не е можно да се зборува за малцинските националности и за етничките групи како ‘државотворни компоненти на Словачката Република’.“ – заклучува д-р Надја Неделски.

Оваа експертка, значи, истакнува дека „ако би станале Унгарците државотворен елемент во рамките на Словачка“, тогаш „својот дел од нејзината територија би имале право да го припојат кон Унгарија“. Дали не е намерата и на Бугарите да си го припојат кон Бугарија и тие „својот дел од територијата на македонската држава“, откако и ако би станале „еден од нејзините државотворни народи“?! Дали не се вклопува во овој контекст и заканата на Али Ахмети дека „некој ќе си оди во Албанија, а некој во Бугарија, ако не го продолжи С.Македонија својот пат кон ЕУ“?!

(Овој текст е надоврзување и втор дел на анализата со наслов „Лицемерието на стратегискиот партнер на Бугарија – Германија кон Македонија и принципиелната и пријателска поддршка од Словачка (1)“

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

Најнови вести од: Колумни

Нов координиран притисок на ЕУ врз Македонија да ги стави „државотворните Бугари“ во уставот со обид да се проблематизираат и локалните избори

„Србија мерка територии на Македонија!“ – ја „алармирал“ бугарскиот претседател Румен Радев Европската унија за проектот „Српски свет“, обвинувајќи го Белград за „експанзионизам“. Всушност, шефот на бугарската држава, не сакајќи, призна дека е во тек првин процесот на „меркање на македонската територија“ од нивна страна, за да потоа токму Софија со поддршка на Брисел ја „измерка“ оваа територија и преку „операцијата“ „државотворни Бугари“ во македонскиот устав да си ја оствари великобугарската „санстефанска национална доктрина“, со која истапува со децении против Македонија, па и денес! „Бугарија е единствената држава во светот, која се граничи со самата себе!“, „Бугарија и Македонија се две чеда на една мајка!“ и „Треба да ја знаеме вистината за Бугарија и за Македонија: има две држави, еден народ!“ се столбовите на оваа доктрина, која веќе неколку години се остварува преку политичко-идентитетската агресија врз Република Македонија со белези на непрогласена „Трета балканска војна“ кој ќе го „измерка“ и ќе го добие под управа и вардарскиот дел на некогашната етничко-јазична единствена Македонија, денес во Република Македонија. Радев ја „алармираше“ ЕУ за проектот „Српски свет“, а го одмолчува проектот „Бугарски свет“ нивен и на ЕУ“, замислен да профункционира набргу, откако би се „бугаризирал“ македонскиот устав, во „пакет“ со македонската држава, македонскиот народ, историја и јазик.

На локалните избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се заедничка Македонија, општините не се повеќе „ничиј етнички плен и сопственост“

Овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие локални избори ги поразија сите намери за предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, меѓуетнички инциденти, сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Бирачите од различните етникуми денес порачаа дека ја разбираат Македонија како заеднички дом за сите, во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање.

Драмското и јазично творештво на Васил Иљоски – македонскиот Шекспир е трајно потсетување кои сме биле и кои мора да останеме – како Македонци

„Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Васил Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Кралскиот Скопски театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“ – констатира романописецот и театролог Александар Алексиев. Денес се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско и книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.

Преобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925, кој е сведоштво за посебноста на македонскиот народ со својот македонски јазик

Во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народи, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ООН, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски овојпат „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и секое национално малцинство во Европа и светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.

Во непокорена Македонија последниот збор го имаат македонскиот народ и сите други граѓани, не странците, а општините не се ничија „етничка сопственост“

Отсега натаму ќе претстои потребата за изнаоѓање нови точки на заедничко градење развој и перспектива, за создавање нова „македонска национална енергија“ во македонското национално тело. Но по овие локални избори ќе претстои нужно и неизбежно создавање нова и „македонска државна енергија“ заедно со Албанците и другите етнички заедници во смисла на заедничко градење на правецот на развојот на државата, во која сите имаат еднакви стремежи, потреби, права и интереси.

Се согласувам со Филипче – Воопшто не е лошо, напротив битна е перспективата

СДСМ оствари чиста, пефектна победа во Кривогаштани и уште во две општини во првиот круг. Има шанса уште во пар други. Во бастионот Струмица свесно беше жртвувана кралица во ликот на Костадинов

To top