Колумни

Тешко на ВМРО-ДПМНЕ – Пишува Роберт Димитриевски

Огромната победа носи и огромни очекувања за разултати во најкус можен рок, без изговори и оправдувања

Нека му ја мисли сега ВМРО-ДПМНЕ. Да, да, апсолутниот победник на локалните избори. Не најголемите губитници СДСМ и ДУИ. Од нив во моментов никој ништо не очекува, освен оставки на лидерите Венко Филипче и Али Ахмети и коренити внатрепартиски реформи.

Наспроти лузерите, сите очи на јавноста сега се вперени во партијата што уверливо триумфира и во изборите за органите на локалната самоуправа. Огромната победа носи и огромни очекувања. Посебно во ситуација кога граѓаните му дадоа речиси целосна власт во државата на предводникот на коалицијата „Твоја Македонија“ по таа освоена на парламентарно и на претседателско ниво минатата година.

Од партијата на Христијан Мицкоски луѓето сега очекуваат буквално волшебно стапче за решавање во најкус рок на проблеми таложени со години. Летвичката е крената толку високо што чистењето на ѓубрето и асфалтирањето улици ќе им се види како детска шега на вмровските градоначалници. Тоа веќе никој нема да им го брои на салдото на остварувањата, ако не се зафатат и не покажат резултати во реално време и во однос на аерозагадувањето, редовноста на јавниот транспорт, проширувањето на водоводната и на канализациската мрежа, притисокот на водата во зградите, изградбата на нови паркинзи, градинки, спортски објекти, културни содржини. Сè што го олеснува и подобрува квалитетот на урбаното живеење.

И не, нема да им поминат евентуалните изговори дека затекнале пустош и милионски долгови во општинските јавни претпријатија, како на пример во Скопје. Од моментот кога им ја дадоа довербата на ВМРО-ДПМНЕ и на партнерите во власта, граѓаните повеќе не ги интересира како тие ќе ја спроведат изборната програма. Напротив, педантно ќе им го пресметуваат секој чекор, секој потег или, не дај Боже, неактивност, расипништво, игнорирање на нивните укажувања.

Сето ова и многу повеќе ќе мора да се испорача во Кичево. Симболот на обединувањето на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите и другите против наративот за некаков си воен плен и за супремација на еден етнос заслужува да биде претворен во најпривлечното место за живеење во Македонија. Како одговор на сите што мислат дека можат вечно да владеат со примитивен национализам, со криминал, со неморал и со злоупотреба на дијаспората. Истата таа што токму поради ваквите ликови фатила џенем по белиот свет.

Тешко на владејачката партија ако не испорача резултати колку што е можно побрзо и на локално ниво, зошто веќе за 2,5 години ќе ја очекува ново изборно соочување со електоратот. А тој како што знае обилно и обемно да даде доверба, како сега, уште побрзо умее да ја одземе, во што бездруго се увери и ВМРО-ДПМНЕ пред само два локални изборни циклуса, кога од 56 (с)падна на пет градоначалници во 2017 година.

„Тешкото“ не им гине, но кадрите на Мицкоски по општините добија и ретка можност со добиената безмалку плебисцитарна поддршка да покажат и да се докажат. Сега се на бришан простор, без засолништа, па и само еден погрешен чекор може да им пресуди. Оправдувањата нека си ги остават дома, нека ги засукаат ракавите и канцелариите да ги заменат со работа на терен. Жолтите гумени чизми на Коце Трајановски не само што ќе ги доближат до реизбор по четири години, туку сигурно ќе им донесат и почит од (со)граѓаните. А таа во животот со ништо не може да се купи. Мора да се заслужи.

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ добива веднаш меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески и американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик. Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

To top