Колумни

Легендарниот Апостол војвода, „македонскиот Робин Худ“, роден на 6.5.1869: „Зарем Македонецот не е човек да живее слободно?“

„Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух, како што се радуваат слободните народи? …. Македонецот не жали зашто ќе умира од куршумите на непријателот и е подготвен да го прави тоа сè до денот на неговото ослободување.“  – овие зборови се дел од писмото на […]

„Зарем Македонецот не е човек да живее слободно? Зарем Македонецот не е слободен да го дише чистиот воздух, како што се радуваат слободните народи? …. Македонецот не жали зашто ќе умира од куршумите на непријателот и е подготвен да го прави тоа сè до денот на неговото ослободување.“  – овие зборови се дел од писмото на Апостол Петков Терзиев, легендарниот македонски војвода на Македонската Револуционерна Организација, кое им го упатил на конзулите во Солун. Во мај 1904 година османлиските власти и дипломатските претставници го отвориле прашањето за разоружување и легализација на активните војводи и комити. Биле испратени писмени повици кон нив, за да се предадат. Апостол Петков, испровоциран од овој потег на дипломатите, се обратил со писмо до солунските конзули, во кое нагласил дека четите нема да се предадат сè додека не бидат спроведени реформи во Македонија.

Денес се навршуваат 156 години од раѓањето на овој македонски револуционер. Тој е роден на 6 мај 1869 година во гевгелиското село Бојмица во областа Бојмија, денес во Егејскиот дел на Македонија. Апостол Петков е еден од највидните дејци на Македонското националноослободително движење и се борел за самостојна македонска држава. Неговото место и улога во историјата на Македонија биле долго време запоставувани. Него македонското население го нарекло „Ениџевардарско сонце“, бидејќи со сета жестокост на својата револуционерна борба го заштитувал од злоделата на турската војска и на грчките андартски чети.

Кога Дамјан Груев во 1897 година ја посетува областа Апостол Петков прв ги прифаќа начелата на Организацијата, а неговата дружина станува прва чета на ТМОРО во Солунскиот вилает. Појавата на револуционерната чета била прифатена со одушевување од македонското население. Сите во неа гледаа како на херои, спасители од турската тиранија. Првото борбено крштевање на четата на Апостол ја имал во селото Грубевци. Во судирот со турскиот аскер, кој одел од Солун кон Гуменџе, Турците биле разбиени и протерани без загуби во четата. Апостол се прославува како заштитник на народот. Во текот на Илинденското востание Апостол Петков водел неколку борби, од кои најголема била борбата на 12 септември 1903 на планината Пајак. Здружените чети од 100 души на чело со Апостол Петков и Иван Карасулијата го зазеле стратегискиот врв Гандач. Во судир со 1200 турски војници од гарнизоните во Гевгелија и Гуменџе, македонските востаници без поголеми загуби успеале да го пробијат обрачот. Во оваа битка турската војска имала тешки загуби.

По Илинденското востание грчката пропаганда ја променила тактиката кон Македонија и започнала да испраќа чети, кои со силата на оружјето и со неформална поддршка од турските власти го присилувале населението да се изјаснува во прилог на елинизмот. Поради геостратегиската положба на Ениџевардарскиот регион, Апостол претставувал сериозна пречка за пробивот на грчките чети кон централна Македонија. Затоа грчкиот конзул од Солун летото во 1904 година се обидел да го поткупи Апостол Петков за грчката кауза, ветувајќи му пари и оружје. Апостол не само што ја одбил понудата, туку станал најголем непријател за грчките чети и агитатори. Покрај судирите со османлиските потери, Апостол жестоко се пресметувал и со претставниците на грчката пропаганда.

Во 1906 година четите на Апостол водат борби со грчките андартски чети. Во една  од овие борби андартскиот капетан Аграс е фатен и обесен крај селото Владово. Апостол Петков беше страв и трепет за грчките андарти. Никој не можеше да го фати дури и да го сретне. Скриен во мочуриштето на Ениџевардарското езеро, тој ги прогонуваше и Грците и Турците. Писателката Пинелопи Делта во својот роман „Тајните на мочуриштето“ ја признава грчката немоќ да се справи со македонскиот револуционер. Таа напишала дека Апостол бил „невидливиот демон, кој се чувствува насекаде, но не се гледа никаде.“

Турската власт заедно со Грците безуспешно се обидува да го ликвидира војводата Апостол. Турските власти со мито се обидуваат да го натераат да се откаже од револуционерните активности, а грчкиот конзул во Солун Ламброс Коромилас се обидува да го привлече на грчка страна. Грците и Турците, исплашени од дејствувањето на Апостол, ги презголемуваат неговите активности. Славата на Апостол војвода растела од ден на ден. Приказната за страшниот уривач на Турската империја дошла и до ушите на султан Абдул Хамид II, кој му понудил 20 илјади фунти, да се откаже од борбата.

Привлечен од приказните, во 1906 година американскиот новинар Алберт Сониксен заедно со воденскиот војвода Лука Иванов ќе го посети војводата Апостол во неговото живеалиште и скривалиште во Ениџевардарското езеро. Од оваа посета ќе произлезе  книгата „Исповедта на еден македонски четник“. Опишувајќи го војводата Апостол Петков, американскиот новинар Сониксон ќе напише: „Неговите портрети висеа по сите крчми. Апостол беше македонски Робин Худ. Тринаесет години носеше оружје. Уште пред Дамјан Груев да го организира прочуениот Централен Комитет, Апостол беше крстосувал низ планините. Тој беше од оние фантастични херои, кои се јавуваат меѓу потиснатите народи во сите периоди низ историјата и чии подвизи се пеат од народите.“

По прогласувањето на Османлиското Царство од апсолутистичка во уставна монархија, Апостол Петков со својата чета влегол во Ениџе Вардар, каде за кратко го суспендирал кајмакамот и ја зел власта во градот. По интервенција на Младотурскиот комитет од Солун и на поединци од Внатрешната организација, Апостол се откажал од намерата да „владее со Ениџевардарската каза“ и заминал за Солун. Бранислав Нушиќ за заминувањето на Апостол за Солун соопштува: „Денес од Ениџе Вардар ќе стигне војводата Апостол. Тој му порачал на Младотурскиот комитет за него и за неговата чета да испратат коњи, па денес свечено на коњ да влезе во Солун“. Грчкиот весник „Емброс“ за заминувањето на Апостол за Солун пишува: „За капетанот Апостол пренесуваат дека слегува во Солун, за да седне на престолот и да управува со Македонија.  При неговото заминување за Солун тој навистина побарал за неговиот прием, освен коњи, да има и артилерија“.

Во 1907 година притисокот на грчките андарти и турската војска во Ениџевардарско станува неподнеслива и Апостол е принуден да ја напушти областа. На 2 август 1911 година тој и војводите Георги Мучитанов Касапчето и Васил Пуфки загинале во ениџевардарското село Крушари (денес Абелиес, Грција). За убиството на Апостол Петков постојат разни варијанти и претпоставки, а најчесто како предавник се споменува неговиот близок соработник Тодор Чифтев. Историската наука се уште не може да даде конечен одговор за мотивот за ова убиство.

Извори: статии на „Македонска нација“, историскиот портал „Македонија е се“ и други историографски извори.

Најнови вести од: Колумни

Митрополитот Теодосиј Гологанов, деец за автокефалноста на МПЦ-ОА и борец против бугарско-грчките напади врз црковниот и национален идентитет на македонскиот народ

Денес, кога го прославуваме големиот православен христијански празник Божиќ – Рождеството Христово во манастирите и црквите на Македонската православна црква како наследничка на древните Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон црковно-националните дејци, кои се вложија себеси и својата дејност за возобновувањето на автокефалноста на денешната Македонска православна црква – Охридска црква и на црковно-народните традиции на македонскиот народ. Еден од тие дејци е и митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов, роден со световното име Васил Гологанов, токму на Божиќ, на 7 јануари 1846 година во селото Трлис во Серско, во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Наша дури и своевидна национална должност е да го чуваме Гологанов засекогаш во своето колективно национално паметење како народ, да ги чуваме личноста и дејноста на овој духовник, македонски национален деец, црковен писател и борец за обновување на Охридската архиепископија и за создавање самостојна македонска национална држава. Ова дотолку повеќе што дури и во „слободната светска енциклопедија“ Википедија на англиски јазик за него се напишани дрски и примитивни фалсификати дека, наводно, бил „бугарска религиозна фигура“ и оти „учествувал во борбата за автономна Бугарска црква“!

Хрон ја објави „Народноста на македонските Словени“ 135 години пред Тито „да ги створи македонскиот јазик и народ“, што е бугарски фалсификат!

Австрискиот лингвист и македонист од чешко потекло Карл Хрон ја објави својата научна студија со наслов „Народноста на македонските Словени“ („Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens“) во 1890 година во Виена, во тогашното Астроунгарско царство, цели 135 години пред „Тито да ги измисли Македонците како народ“ и пред „да им го создаде со наредба новоизмислениот македонски јазик“, како што тврди официјална Софија во своите фалсификати, депонирани и во ЕУ. Карл Хрон во својата студија со несоборлива научна објективност ќе ги образложи и ќе ги докаже самобитноста  и развојот на македонскиот народ и македонскиот јазик. Студијата на Карл Хрон „Народноста на македонските Словени“е своевиден пишан споменик за етничката и јазична засебност на македонскиот народ и таа допрва ќе задобива уште поголема важност за него во борбата за конечно и вистинско решавање на македонското национално и јазично прашање.

Оставнината на Марко Цепенков „втора македонска Библија“ и автентично сведоштво за македонскиот идентитет и јазик, за животот на нашите предци

Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829, Ореовец, Прилепско – 29 декември 1920, Софија) е најголем и најзначаен собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Денес се навршуваат 105 години од неговата смрт. Неговото дело е издадено во 10 томови и е повеќепати преобјавувано во Македонија. На научниот собир по повод 190-те години од раѓањето и 100-те години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науки и уметности и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Во денешната меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставнина ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа.“

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

To top