Колумни

Нов координиран притисок на ЕУ врз Македонија да ги стави „државотворните Бугари“ во уставот со обид да се проблематизираат и локалните избори

„Србија мерка територии на Македонија!“ – ја „алармирал“ бугарскиот претседател Румен Радев Европската унија за проектот „Српски свет“, обвинувајќи го Белград за „експанзионизам“. Всушност, шефот на бугарската држава, не сакајќи, призна дека е во тек првин процесот на „меркање на македонската територија“ од нивна страна, за да потоа токму Софија со поддршка на Брисел ја „измерка“ оваа територија и преку „операцијата“ „државотворни Бугари“ во македонскиот устав да си ја оствари великобугарската „санстефанска национална доктрина“, со која истапува со децении против Македонија, па и денес! „Бугарија е единствената држава во светот, која се граничи со самата себе!“, „Бугарија и Македонија се две чеда на една мајка!“ и „Треба да ја знаеме вистината за Бугарија и за Македонија: има две држави, еден народ!“ се столбовите на оваа доктрина, која веќе неколку години се остварува преку политичко-идентитетската агресија врз Република Македонија со белези на непрогласена „Трета балканска војна“ кој ќе го „измерка“ и ќе го добие под управа и вардарскиот дел на некогашната етничко-јазична единствена Македонија, денес во Република Македонија. Радев ја „алармираше“ ЕУ за проектот „Српски свет“, а го одмолчува проектот „Бугарски свет“ нивен и на ЕУ“, замислен да профункционира набргу, откако би се „бугаризирал“ македонскиот устав, во „пакет“ со македонската држава, македонскиот народ, историја и јазик.

Пишува: Свето Тоевски

„Локалните избори беа засенети од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација.“ – соопштија заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент во својата изјава за првичните наоди и заклучоци по завршувањето на вториот  круг на локалните избори. Шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР Матео Мекачи посочи дека „биле забележани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и купување гласови“. „Тоа предизвика загриженост кај набљудувачите. Извештаите за притисоци, заплашувања и злоупотреба на јавни ресурси се спротивни на меѓународните стандарди и остануваат сериозен предизвик.“ – забележа Мекачи. Меѓународната мисија беше составена од 275 набљудувачи од 40 земји, меѓу кои 253 експерти на ОБСЕ/ОДИХР, 15 членови од Конгресот на Советот на Европа и седум европратеници.

Сосема се поинакви фактите и аргументите за реалната состојба во врска со македонските локални избори, кои ги изнесоа домашните институции. Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко на прес-конференција по затворањето на избирачките места на 2 ноември рече дека изборите во вториот круг минале без никакви проблеми и потешкотии. Локалните избори 2025 и во првиот и во вториот изборен круг се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, со непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.

 „Од 1993 година Европската Унија испратила не помалку од 197 мисии за набљудување на изборите низ целиот свет, а набљудувањето на изборите сега претставува еден од камен-темелниците на поддршката на ЕУ за демократијата во трети земји“ – напишаа Режи Дандо и Хозе Галегилос Бургос, професори по политички науки и избори во Универзитетот Сан Франциско во Кито, во Еквадор,  во својата научно-истражувачка студија „Триесет години мисии за набљудување на изборите од страна на ЕУ низ целиот свет“, објавена во јануари 2025 година. Значи, според овие политички експерти, Европската унија ги набљудува изборите на европскиот континент и ширум светот, заради „поддршка на демократијата во односните земји“. Меѓутоа, изгледа дека ЕУ поддржува не само демократија во Македонија, туку многу повеќе промена на нејзиниот устав, во „пакет“ со сето она, што би следело натамо според планот на Бугарија…

 Во својата научна студија „Бирократска пристрасност? Набљудувачки мисии на ЕУ за избори во Африка: меѓу независноста и развојот на индустријата“, објавена во 2017 година, Мартин Ронсереј независен научен истражувач за меѓународни односи и ЕУ, критички забележува дека изборните набљудувачки мисии на ЕУ, каква што ги следеше и македонските локални избори, повремено се мешаат во внатрешните работи на односните држави, во кои ги набљудуваат изборите, напати, како што констатира овој експерт, „прекршувајќи ја својата независност поради некои надворешни интереси“.

„Изборните набљудувачки мисии на Европската унија претставуваат ‘трговци со легитимитет’ на странскиот политички пазар, поради нивната способност да одобрат, или да осудат (делови од) изборните процеси. Овие набљудувачки мисии се склони кон повремени мешања, поттикнато од интерес. Како промотори на демократијата овие мисии пројавуваат пристрасност, што објаснува некои од прекршувањата на нивната независност.“ – предупредува Мартин Ронсереј.

Врз основа на согледувањата на Ронсереј, можат да се постават неколку сериозни дилеми. Дали со својот извештај и острите критики за локалните избори во Македонија 2025 споменатата набљудувачка мисија на локалните избори се обидува да го оспори изборниот легитимитет на ВМРО ДПМНЕ, која оствари убедлива победа со добиените 55 градоначалници? Од кои причини оваа набљудувачка мисија ја прекршува својата независност во извлекувањето на оценките, што би морала да ја има, а ја нема? Зошто таа мисија пројавува пристрасност во своите оценки и се обидува да ја доведе под знак прашалник кредибилноста, добверливоста бирачкиот процес?! Дали таа и нејзините политички ментори од Брисел можеби сметаат дека Македонија е држава, во која можат надворешно да се мешаат како што ќе посакаат, во конкретниов случај, оборајќи ја кредибилноста на локалните избори?

Соодветни заклучоци во врска со наодите на споменатата заедничка набљудувачка мисија околу македонските локални избори можат да се извлечат и од една трета научна студија, која ја изготвија Макс Бадер и Ханс Шметс. Бадер е професор по политички науки во Универзитетот во Лајден во Холандија, а Шметс е професор по политички науки во Универзитетот во Мастрихт, Холандија.

Во студијата „,Дали е веродостојно меѓународното набљудување на изборите? Докази од мисиите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа“ Бадер и Шметс заклучуваат: „Наодите на мисиите за набљудување на изборите можат да го легитимизираат, или да го делегитимизираат изборниот исход во очите на домашната и меѓународната јавност. Проблем на меѓународните набљудувачки мисии е тоа што некогаш пројавуваат пристрасност во своите наоди и оценки, Како последица на тоа сликата што произлегува од набљудувањето на избрани избирачки места, запаѓа во опасност да биде искривена, со што се поткопуваат кредибилитетот на набљудувачката мисија и нејзините наоди.“

Дали споменатата набљудувачка мисија и ЕУ настојуваат да го делегитимизираат изборниот исход во очите на домашната и меѓународната јавност и од кои причини? Еве го одговорот на ова прашање. Деновиве се случи цела серија настани. Првин петседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Теодорос Русопулос дојде во Скопје и во македонскиот парламент порача: „Европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја. С.Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку според капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа“.

Реченицата „европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја“, што ја кажа тој има само едно единствено значење: влегувањето во ЕУ нема да ви биде само врз основа на тоа што сте држава на европскиот континент, туку ќе биде резултат на вашата волја да изберете, да прифатите промена на уставот и да ги вметнете во него Бугарите“! Всушност, Русопулос дури и дрско ни порача дека ќе бидеме „морално зрели“ (?!) само тогаш кога ќе пројавиме „капацитет да слушаме и да прифаќаме“ европски диктати и ултиматуми!

На ова истапување на европскиот парламентарец се надоврзува најновиот извештај за „напредокот на европскиот пат“, кој „не го остварува“ Македонија според еврократите во Брисел, само затоа што не ги вметнува „државотворните Бугари“ во преамбулата на својот устав. Извештајот на набљудувачката мисија за локалните избори во Македонија е дел од овој многу јасен „европски пакет“ на притисоци, наредби и ултиматуми на ЕУ, со цел да се интервенира во највисокиот правно-политички документ на македонската држава во полза на Бугарија.

Станува збор за синхронизиран и координиран притисок врз Македонија да се принуди да клекне на колена. Тој притисок се засили веднаш откако на локалните избори „проевропските“ партии СДСМ и ДУИ доживеаја целосен дебакл на изборите. Токму овие две партии им беа надежта и главниот „адут“ на Брисел, на Бугарија и други меѓународни центри, дека ќе успееја преку нив да ги издејствуваат промените во македонскиот устав, штом „ќе победеја на изборите“ и потоа да се издејствуваа предвремени парламентарни избори и конституирање нова, исто така, „проевропска“, поточно послушна влада, која ќе ја спроведеше операцијата „Бугари во устав“. Баш затоа се критикува Македонија дека не пројавува „добра волја“, значи поради тоа што не прифаќа самата „со свој камен да се удри по главата“ и да да ги стави доброволно „државотворните Бугари“ во преамбулата на својот устав.

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

На локалните избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се заедничка Македонија, општините не се повеќе „ничиј етнички плен и сопственост“

Овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие локални избори ги поразија сите намери за предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, меѓуетнички инциденти, сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Бирачите од различните етникуми денес порачаа дека ја разбираат Македонија како заеднички дом за сите, во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање.

Драмското и јазично творештво на Васил Иљоски – македонскиот Шекспир е трајно потсетување кои сме биле и кои мора да останеме – како Македонци

„Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Васил Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Кралскиот Скопски театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“ – констатира романописецот и театролог Александар Алексиев. Денес се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско и книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.

Преобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925, кој е сведоштво за посебноста на македонскиот народ со својот македонски јазик

Во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народи, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ООН, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски овојпат „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и секое национално малцинство во Европа и светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.

Во непокорена Македонија последниот збор го имаат македонскиот народ и сите други граѓани, не странците, а општините не се ничија „етничка сопственост“

Отсега натаму ќе претстои потребата за изнаоѓање нови точки на заедничко градење развој и перспектива, за создавање нова „македонска национална енергија“ во македонското национално тело. Но по овие локални избори ќе претстои нужно и неизбежно создавање нова и „македонска државна енергија“ заедно со Албанците и другите етнички заедници во смисла на заедничко градење на правецот на развојот на државата, во која сите имаат еднакви стремежи, потреби, права и интереси.

Се согласувам со Филипче – Воопшто не е лошо, напротив битна е перспективата

СДСМ оствари чиста, пефектна победа во Кривогаштани и уште во две општини во првиот круг. Има шанса уште во пар други. Во бастионот Струмица свесно беше жртвувана кралица во ликот на Костадинов

Лаен доаѓа со „европски булдожер“ во нов обид да го „раздроби“ „ѕидот“ на отпорот против бугаризацијата на македонскиот народ и држава (2)

Шпанија и Словачка во своите устави по никоја основа не предвидуваат и не дозволуваат национални малцинства, или етнички групи да можат да здобијат во нивните устави статус како „државотворни народи“, за да не им се овозможи на односните малцинства, или етнички групи, да здобијат право, согласно со меѓународното право, на територијална автономија и самоопределување до отцепување од овие две држави. Односно, право да прогласат сопствена држава на „својот дел“ од територијата на Шпанија и Словачка и потоа да ги припојат кон „своите матични држави“. Ова го истакнуваат реномирани европски и светски експерти за уставно право и политички науки. Токму тоа го бара Бугарија за „бугарските државотворци“ во Македонија, токму ова штедро го поддржуваат Урсула фон дер Лаен и ЕУ! Зошто Лаен не оди и во Шпанија и Словачка и таму да бара промени во нивните устави, па да добијат и некои од тамошните национални малцинства уставен статус како „државотворни елементи“ на Шпанија и Словачка (патем и членки на ЕУ!), па да имаат право на отцепување „свои делови“ и од териториите на Шпанија и Словачка и припојување на тие делови кон „своите матични држави“?!

To top