Колумни

Оставнината на Марко Цепенков „втора македонска Библија“ и автентично сведоштво за македонскиот идентитет и јазик, за животот на нашите предци

Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829, Ореовец, Прилепско – 29 декември 1920, Софија) е најголем и најзначаен собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Денес се навршуваат 105 години од неговата смрт. Неговото дело е издадено во 10 томови и е повеќепати преобјавувано во Македонија. На научниот собир по повод 190-те години од раѓањето и 100-те години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науки и уметности и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Во денешната меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставнина ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа.“

Пишува: Свето Тоевски

Во вкупниот број објавени и необјавени дела на Цепенков дела можат да се набројат повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и слично.) Автор е и на драмското дело “Црне Војвода”. Цепенков бил ориентиран кон сите жанрови на народното усно творештво, но сепак најмногу ги сакал приказните, цврсто уверен дека „Малите приказни голем ум даваат“! На споменатиот научен собир Катица Ќулавкова посочи дека Цепенков со раскошното творештво е дел од македонската култура и културна историја и е меѓу личностите, како кажа, „кои оставиле непроценлив доказ за македонската народна култура, македонскиот фолклор, за јазикот, етносот и спецификите на македонскиот народ.“

Во завршната песна од својата автобиографија Цепенков вели дека ги напишал, за да остави вечен спомен на својот мил „бугарски“ народ. Но тој себеси воопшто не се сметал како вистински, етнички Бугарин, туку како етнички антички Македонец, зашто се поистоветувал со Македонците на Александар Македонски! Како и огромен број други македонски просветители, преродбеници, револуционерни дејци, така и Цепенков ја искажува својата македонска етничка припадност преку поврзаноста со античките Македонци на Александар Македонски, тој се сметал себеси како потомок на античките Македонци на Александар Македонци. Во оваа смисла доказ за тоа е и неговата авторска поема, објавена во бројот 28 на весникот „Автономија“ на 12 февруари 1899 година во Софија.

Во оваа поема, самиот потпишан како „еден прост Македонец“, Цепенков се обраќа кон Македонците, кон својот народ, на македонски јазик и вели: Чеда жални, вие Македонци… Македонци, моите мили чеда… Помислете, вие мили чеда, за велики цар Александра, што се слави до ден-денеска…“

Цепенков говори и во други свои творби за „Бугари“’. Така и во расказот „Силјан штркот“ тој се сместува во „Бугарите“. Под влијание на рускиот „бугаризам“ Цепенков најверојатно бил убеден дека македонскиот етникум треба да стане дел од новозамислената бугарска држава и бугарската политичка нација и во овие рамки  тој исклучиво само во политичка смисла се идентификува себеси и својот македонски народ со политичките имиња „Бугари“ и „Бугарија“. Во Турската империја нејзиниот така наречен „милет – систем“ не признавал етнички малцинства, туку само верски заедници, население со свои верско-политички определби, па така никогаш не биле признати ниту Македонците како народ во етничка смисла. Македонците морале да се изјаснуваат како „Ромеи/Грци“, потоа како „Срби“, а откако Турците ја признале Бугарската црква – Егзархијата тогаш Македонците добиле „право“ да се изјаснуваат во верско-политичка смисла и како припадници на „Бугар-милетот“’. Токму поради сево ова Цепенков и се изјаснувал како „политички Бугарин“, односно како поданик на Бугарската црква, на турското вазално Бугарско кнежевство, но никаде не се идентификувал себеси како етнички Бугарин! Толку за „бугарштината“ на Цепенков.

 Животниот пат на Цепенков

Роден е во Прилеп во сиромашно семејство, кое води потекло од прилепското село Ореовец. Поради тешката материјална состојба, основно образование учел само една година, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Во периодот 1856-1857 почнал да собира народни умотворби, поттикнат од Димитар Миладинов, како што вели. Работел седум месеци во Народното собрание на Бугарија по статистиката на народното население, подоцна работи и во финансискиот оддел, по што е администратор во печатницата на браќата Поп-Спиркови. Целокупната оставнина на Марко Цепенков се чува во Архивниот институт на Бугарската академија на науките во Софија. Во современа Македонија, делата на Марко Цепенков за прв пат биле реиздадени во 1954 година од Блаже Конески во „Сказни и сторенија“. Во 1957 творештвото на Цепенков биле прекажано во вид на филм од Кирил Пенушлиски, кој една година подоцна започнало со неговото издавање. Во 1972 година било објавено целокупното дело на Цепенков на македонски јазик. Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има временски најдолга запишувачка практика – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали.

Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали. Неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп. Македонскиот институт за фолклор го носи денес неговото имеИзнемоштен, напуштен, заборавен, во крајна беда, Марко Цепенков умрел на 29 декември 1920 година во Софија, кадешто е и погребан.

„Нова Македонија“

 

 

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

To top