Колумни

Туѓино јабано – Пишува Роберт Димитриевски

Кога ќе те жениме тебе чедо Дамјане, татко ќе ти направи свадба да се памети. Целата румелиска земја ќе ја поканам, целата румелиска земја сè до Солуна, гости јас неброени, браќа сè Македонци. Здравје боже, Дамјане, жив и здрав да пораснеш, голем јунак, комита, гордост чедо таткова. На мајка ти личен, на татко јунак голем, […]

Кога ќе те жениме тебе чедо Дамјане,
татко ќе ти направи свадба да се памети.
Целата румелиска земја ќе ја поканам,
целата румелиска земја сè до Солуна,
гости јас неброени, браќа сè Македонци.

Здравје боже, Дамјане, жив и здрав да пораснеш,
голем јунак, комита, гордост чедо таткова.
На мајка ти личен, на татко јунак голем,
да станеш ти сине прав и горд Македонец.

Кој не испратил дете на печалба, не знае колку може да биде голема болката таткова. Да го растеш 20 години, да бдееш над него, да се радувате и тагувате заедно низ катадневните животни премрежиња, да живеете ракомет 24/7, да се гордееш со тоа во каков маж израснал, во каков патриот и следбеник на нашата вера рисјанска, па да го испратиш на гурбет.

„Тато, знаеш ли колку јас тебе те сакам? Нема да те изневерам“, ти вели смислата на твојот живот додека тешка солза таткова ти ја издава експлозијата од емоции додека неуспешно се обидуваш да ги сокриеш криејќи се на балконот за да не види тој што во тебе гледа идол. Пред да се прекрсти и да ја бакне иконата на Света Петка на ѕидот во ходникот и да го напушти домот татков, запловувајќи во печалбарските води. Детето кое татко го крсти по војводата Даме Груев и неброено пати му го шепнуваше тоа на уво додека го думкаше на нога кога беше „3,5 кила месо“…

А требаше да биде сосем спротивно. Ако вселената го ислушаше Андон Бошкоски пред прерано да го одземе великанот на македонскиот ракомет. Гуруто на Дамета, неговиот тренер во Спортската академија што во Железо гледаше светски талент и за пет години стандарден репрезентативец на Македонија. Човекот за кој Даме душата си ја даваше и чиј број на години (47) си ги напиша на патиките со кои се пробиваше низ македонските ракометни беспаќа, а неговиот лик го носеше на екранот на мобилниот телефон.

Доне, тренер на македонската репрезентација и помошник на тогашниот селектор Звонко Шундовски кога Македонија стигна до историското петто место на Европското првенство 2012 во Србија. Творец, заштитник и промотор на ракометните таленти од ова поднебје, кој за Даме велеше дека е модерно лево крило, кој не може да игра на ниту една друга позиција, но затоа на таа е светски калибар. Шампионот на Првата македонска лига со Мулти есенс, младински вицепрвак со Пролет и освојувач на бронзен медал со пионерите на Вардар.

Го снема Донета, ја снема и магијата што му го осветлуваше ракометниот пат на неговиот штитеник. Отидоа неврат 13 години макотрпна работа, 13 години беспрекорна физичка кондиција, огромна љубов за спортот број еден во Македонија, вложување во себе, трпење неправди наспроти статистиката во негова полза („Тато, не се секирај, не можат да ме скршат“). Тринаесет години соништа дека еден убав сончев ден ќе ги досегне височините на идолите Тимур Дибиров и Уве Генсхајмер.

И наместо и понатаму да го сонува ракометниот сон, ете ти го на пат за – Малта. Решен да сврти нов лист во животот, да се испроба во друга област, да си докаже и себеси и на другите дека може и ќе успее. Таму каде што врските, моќта некој да те поттурне, да ти даде ветер во грбот, не играат никаква улога. Туку само тоа што го носиш во себе и што си способен да го понудиш на пазарот на трудот за соодветен надомест што ќе ти ги отвори портите на замислената индивидуална сатисфакција.

Е, мори жална Македонијо! Уште колку ли твои синови ќе испратиш низ „дуњава“ да позлатуваат туѓи бели дворови, да го пронесуваат низ белиот свет најдоброто од тебе? Уште колку ли татковци, мајки, дедовци, баби, браќа и сестри ќе испраќаат најблиски кајгоде за да го вградуваат кодот македонски во едикоиси белосветски ветрометини?

Кога ли конечно Македонците ќе се скрасат на родната грутка, ќе ја подредат својата судбина со таа на мајка Македонија? Кога ли нашите чеда ќе почувствуваат благодет од тоа да се биде свој на своето, дека каменот си тежи на своето место? Кога ли ќе ја видат својата иднина тука наместо стотици/илјадници километри подалеку?

Сè што татко спечалил, за тебе ќе потроши
многу вино, ракија, дарови и музика,
зурли, чедо, тапани, кавали, гајдаџии,
да се знае, Дамјане, кога ќе те жениме.

Здравје боже, Дамјане, жив и здрав да пораснеш,
голем јунак, комита, гордост чедо таткова.
На мајка ти личен, на татко јунак голем,
да станеш ти сине прав и горд Македонец.

Најнови вести од: Колумни

Хрон ја објави „Народноста на македонските Словени“ 135 години пред Тито „да ги створи македонскиот јазик и народ“, што е бугарски фалсификат!

Австрискиот лингвист и македонист од чешко потекло Карл Хрон ја објави својата научна студија со наслов „Народноста на македонските Словени“ („Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens“) во 1890 година во Виена, во тогашното Астроунгарско царство, цели 135 години пред „Тито да ги измисли Македонците како народ“ и пред „да им го создаде со наредба новоизмислениот македонски јазик“, како што тврди официјална Софија во своите фалсификати, депонирани и во ЕУ. Карл Хрон во својата студија со несоборлива научна објективност ќе ги образложи и ќе ги докаже самобитноста  и развојот на македонскиот народ и македонскиот јазик. Студијата на Карл Хрон „Народноста на македонските Словени“е своевиден пишан споменик за етничката и јазична засебност на македонскиот народ и таа допрва ќе задобива уште поголема важност за него во борбата за конечно и вистинско решавање на македонското национално и јазично прашање.

Оставнината на Марко Цепенков „втора македонска Библија“ и автентично сведоштво за македонскиот идентитет и јазик, за животот на нашите предци

Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829, Ореовец, Прилепско – 29 декември 1920, Софија) е најголем и најзначаен собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Денес се навршуваат 105 години од неговата смрт. Неговото дело е издадено во 10 томови и е повеќепати преобјавувано во Македонија. На научниот собир по повод 190-те години од раѓањето и 100-те години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науки и уметности и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Во денешната меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставнина ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа.“

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

To top