Македонија

Божиќно послание на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан: Да се сообразуваме со Христовите заповеди, а не со неправдите и безаконието во светот!

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, во пресрет на Рождеството Христово – Божиќ, испрати Божиќно послание до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква со порака да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил, да не се обесхрабруваме, туку да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно. „ Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив. Но да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди – порачува меѓу другото поглаварот на МПЦ-ОА во Божикното послание.

Во своето Божикно послание на поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан, покрај другото, истакнува: Еве, повторно стоиме пред тајната на Божик – пред тајната на Божјото доаѓање на земјата. Кога човештвото и сиот свет беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и, бивајќи Светлина, ја порази и ја истера темнината, и не со сила – туку со љубов. Со овој спасоносен настан се исполни времето и се откри Божјата волја: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Затоа Божик не е само спомен на минатото, туку е откровение на вечната Божја намера: човекот да живее во заедница со Него. Оваа радост, најнапред, ја возвестија ангелите, објавувајќи ги славата на небото, мирот на земјата и добрата волја којашто повторно се раѓа меѓу луѓето. А потоа, преку витлеемските пастири и мудреците од Исток, целиот човечки род Му се поклони на Богомладенецот, дарувајќи Го и принесувајќи Му благодарност.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Близината Божја нека нѐ поткрепува и нека ни дава надеж дека Господ е со нас во сите денови од нашиот живот. Господ ги услишува нашите молитви кога ги исполнуваме Неговите заповеди, и Тој не престанува да ни дава можности за да нè воведе во Своето Царство небесно. Со такви мисли и молитвени благопожелби, на сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква – во Татковината и насекаде до каде што нѐ има по светот, ви ги честитаме божикните и новогодишните празници, поздравувајќи ве со серадосниот поздрав:
Христос се роди!
Честито и од Бога благословено новото лето Господово!

† СТЕФАН, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

Најнови вести од: Македонија

АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење

Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење.

Во Брвеница гласаат болните и немоќните и затворениците – Право на глас имаат 116 луѓе

Своето право на глас, како што велат од ДИК, може да го остварат и вкупно 9 лица кои се на издржување казна затвор, а гласањето на овие лица се спроведува во 3 казнено поправни установи и тоа во градовите Скопје, Штип и Тетово.

Од договор на дело до постојано вработување – Што предвидува новиот предлог-закон?!

Законот се предлага по скратена постапка со образложение дека не е сложен и обемен. Предвидено е да влезе во сила на денот на објавувањето во „Службен весник“, кога би престанал да важи досегашниот Закон за трансформација во редовен работен однос.

To top