Македонија

„Декларација од Брисел“: Проширувањето на ЕУ претставува реална можност, што треба да се искористи

Во документот се реафирмира целосната и недвосмислена посветеност на перспективата на Западниот Балкан за членство во Европската Унија.

Руската воена агресија врз Украина и растечките геополитички предизвици ја нагласуваат потребата од сè посилни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан, се наведува во „Декларацијата од Брисел“ усвоена на вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски. – Ние, лидерите на Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји членки, во консултација со нашите партнери од Западниот Балкан, го заклучивме следново: Денешниот состанок ги покажува силата на нашите односи и придобивките што им ги носи на нашите граѓани. Состанокот е најзначајна можност во годината за повторно потврдување на стратегиското партнерство меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, се наведува во Декларацијата.

– Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи. Ги поздравуваме новата динамика и постигнатиот напредок од последниот состанок. Забрзувањето на процесот на пристапување, заснован врз веродостојни реформи од партнерите, праведна и ригорозна условеност и врз принципот на сопствени заслуги е во наш меѓусебен интерес. Проширувањето е геостратегиска инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет, како што е наведено во Декларацијата од Гранада. Итноста на нашето време бара одржлив моментум. Земјите аспиранти за членство треба да ги забрзаат своите реформски активности. Паралелно, Унијата треба да ги засили своите интерни темели и реформи, се истакнува во „Декларацијата од Брисел“.

Во документот се потенцира дека инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. – Сè уште се потребни одлучни натамошни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања на партнерите, вкоренети во наследството од минатото, а во согласност со меѓународното право и утврдените принципи, вклучително и Договорот за прашањата на сукцесија, како и преостанатите случаи на исчезнати лица и прашањата за воени злосторства, се додава во текстот.

Во Декларацијата се нагласува дека ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат европските вредности и принципи во согласност со меѓународното право, приматот на демократијата, фундаменталните права и вредности и владеењето на правото и од нив очекува ова да го покажат со зборови и со дела, преземајќи одговорност и спроведувајќи ги потребните реформи, особено во областа на фундаменталните принципи. – Слободата на изразување, независните и плуралистичките медиуми, родовата еднаквост и силната улога на граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија. ЕУ ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинствата и нивен рамноправен третман, се вели во документот.

Лидерите нагласуваат дека остануваат обединети во непоколеблива поддршка и солидарност со Украина, додека таа ги брани својот суверенитет и територијален интегритет од неиспровоцираната и нелегална воена агресија на Русија и ја повторуваат поддршката за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право.

– Усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и спроведувањето и извршувањето на рестриктивните мерки на ЕУ и борбата против нивно избегнување, останува силен израз на стратегискиот избор на партнерите. Ги поздравуваме партнерите од Западен Балкан што веќе целосно се усогласени и ги повикуваме оние што сè уште не го сториле тоа да го следат примерот. ЕУ ги поздравува придонесите на партнерите во мисиите и операциите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. ЕУ продолжува да го поддржува Западен Балкан во справувањето со кибер и со другите хибридни закани, манипулацијата и мешањето на странски информации и натамошното зајакнување на соработката за градење отпорност, вклучително и преку Центарот за кибер капацитети на Западен Балкан и Европскиот штит за демократија, се посочува во текстот.

Во него натаму се поздравуваат првите склучени партнерства за безбедност и одбрана на Западниот Балкан и започнувањето дијалози за безбедност и одбрана и се реафирмира посветеноста на континуирана поддршка во рамките на Европскиот инструмент за мировна помош. – Остануваме посветени на приближувањето на партнерите од Западен Балкан до ЕУ уште за време на процесот на проширување. Во неколку политички области во тек е постепена интеграција, која се спроведува на реверзибилен начин базиран врз заслуги, со конкретни придобивки за граѓаните од самиот почеток и подготовка на теренот за пристапување. Треба да се размислува за натамошни предлози за постепена интеграција, во согласност со релевантното законодавство на ЕУ. Напредокот во економската интеграција треба целосно да го зачува интегритетот на единствениот пазар на ЕУ и да овозможи еднакви услови за сите, се додава во Декларацијата.

Во неа се поздравува напредокот во постепената интеграција на партнерите од Западниот Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, вклучително и преку иницијативите за „Автопатот на единствениот пазар“ и зелените ленти, пристапување на неколку земји во Единствената европска платежна област (СЕПА) и приклучувањето на дигиталните иницијативи, намалувањето на трошоците за роаминг. – Планот за раст ќе ја забрза социоекономската конвергенција меѓу Западниот Балкан и ЕУ, под услов партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ. Планот за раст има потенцијал да го забрза економскиот раст во регионот во следната деценија преку обезбедување до шест милијарди евра за реформи и инвестиции. Тоа е дополнение на 29 милијарди евра што се обезбедуваат преку Економскиот и инвестициски план. ЕУ повикува поголем дел од единствените можности што се обезбедуваат преку Планот за раст да се искористат преку навремено спроведување на реформите, се додава во „Декларацијата од Брисел“.

Во документот се нагласува дека Заедничкиот регионален пазар е чекор кон Единствениот европски пазар и ЕУ се повикуваат партнерите од Западниот Балкан целосно да се посветат на конструктивната соработка и да ги спроведуваат веќе склучените договори. Со Декларацијата се поддржуваат тековните напори за диверзификација на изворите и маршрутите на снабдување со енергија, се нагласува потребата од управување со миграцијата како заеднички предизвик и одговорност и се повикува на продолжување со заедничките напори и во борбата против корупцијата, шверцот со дрога и сите форми на сериозен и организиран криминал.

Во документот се потенцира и дека отсуството на нормализација на односите меѓу Приштина и Белград продолжува да ги попречува двата партнера на нивниот европски пат и се повикува на спроведување на сите договори постигнати во дијалогот Белград-Приштина, олеснет од ЕУ, особено Договорот за патот кон нормализација и неговиот Анекс. – Ја нагласуваме важноста на континуираните меѓусебни напори за стратегиска комуникација, вклучително и за придобивките од проширувањето и постепената интеграција, како и потребата од градење доверба, разбирање и меѓуопштествен консензус. Сметаме на нашите партнери од Западен Балкан да им соопштат на своите граѓани дека ЕУ останува најблизок партнер, главен донатор, инвеститор и трговски партнер на регионот и да ја покажат својата посветеност на вредностите и реформите на ЕУ преку зборови и дела, се вели во документ, при што се најавува дека следниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи во Црна Гора во јуни 2026 година.

На крајот од текстот се наведува дека европските лидери го поздравуваат усогласувањето на партнерите од Западниот Балкан со оваа Декларација, при што во фуснота се нагласува дека Србија не се усогласила со документот. Инаку, на Самитот не присуствуваа претставници на Србија.

Најнови вести од: Македонија

Ошлис: Македонецот Наум Охридски е само европски просветител, но и дипломат, а Европа ако ја изгуби Македонија, набргу ќе се изгуби и саматата себеси! (3)

Големиот германски македонист проф.д-р Волф Ошлис силно ја застапува македонската историска перспектива и нагласува дека дејноста и традицијата на Свети Наум Охридски е дел од македонското јазично-културно и просветителско наследство. Во своите истапувања на Меѓународниот семинар за македонски јазик и култура во Охрид во изминатите години Ошлис ја ја аргументирал повеќе пати својата констатација дека Наум е еден од основноположниците на македонската култура, јазик, религија и наука, без никаква врска со други народи во Балканот. Во својот научен труд со наслов „Македонецот Наум Охридски и Германецот Регино фон Прим како европски дипломати“ Ошлис, дури, го означува македонскиот просветител и како еден од првите и тоа врвни европски дипломати, поради развиените контакти, што ги имал со тогашните владетели и видните личности од нивните царски дворови, во рамки на своето учество во тогашната Моравска мисија на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, започната во 863 година меѓу народите во Средна Европа.

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top