Пишува: Свето Тоевски
„Васил Иљоски, еден од од втемелувачите на македонската драмска литература, во биографска и творечка смисла претставува мост меѓу незгаснатите искри на македонската преродба и револуционерна борба и првите заложби за македонска државност, остварени преку кодификацијата на македонскиот јазик и неговата слободна употреба во македонската литература.“ – напиша проф.д-р Димитар Пандов од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во својот научен труд „Односот на Васил Иљоски кон делото на Марко Цепенков и македонската писмена традиција воопшто“.
Нераскинливата врска на ангажирањето и делото на Васил Иљоски со својата татковина Македонија и со својот македонски народ
Пред четири века најголемиот драмски автор на Англија Вилијам Шекспир во своето творештво го одразуваше јазичното и националното битие на англискиот народ, а нашиот Васил Иљоски во своите битови драми го одразуваше јазичното и националното битие на македонскиот народ. Авторот на „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“ и другите драмски дела, јазични, книжевни и други есеи е македонскиот Шекспир. По Втората светска војна Иљоски бил еден од членовите на комисијата формирана при Министерството за народна просвета со цел да ги подготват македонската азбука и правопис.
Писателот и книжевен историчар проф.д-р Васил Тоциновски укажува дека нераскинливата врска со својата земја и народ за Иљоски се основниот и единствен предизвик за појавата и вредноста на секое човечко ангажирање и дело. „Тие извираат од сопствената почва и средина, претставуваат нивен жив и врвен одраз, несоборлив аргумент пред секакви интереси и негирања, тие се и татковински аманет и историски долг.“ – посочува Тоциновски во својата научна статија „Книжевно-историски текстови за македонската литература на Васил Иљоски“. Но, Тоциновски напомнува дека Иљоски оставил и многу значајни студии, огледи и записи за македонскиот јазик, фолклор, литература и театар, и не само на македонски теми и за македонски автори, туку и за оние од други земји, народи и култури. „Многу страници Иљоски ќе испише за значајни, би рекле пресудни настани и процеси, личности и дела од традицијата и континуитетот на македонската литература. Тоа се текстовите за браќата Димитар и Константин Миладинови, Григор Прличев, за Крсте Петков Мисирков и Кочо Рацин. Студиите, записите и разгледите на Иљоски за македонската книжевна историја се, со свој сопствен став и оценка, јасни и недвосмислени аргументи за она што сме биле, што сме и што треба да бидеме.“ – заклучува Тоциновски.
Драмите на Иљоски ја разбиваа српската цензура на македонскиот јазик во Кралскиот скопски театар и ја јакнеа македонската национална свест, кој имаше за цел неа да ја неутрализира
Романописецот, книжевен историчар и театролог Александар Алексиев го нагласува значењето на придонесот, што го даде Иљоски за македонскиот јазик и за решавањето на македонското јазично прашање. Прв македонски автор кој успева да ја пробие српската цензорска бариера и да постави на сцена драмско дело на македонски јазик, бил тогаш младиот гимназиски професор Васил Иљоски. Неговата прва драма „Бегалка“, подоцна повеќе позната како „Ленче Кумановче“, била изведена на скопската сцена уште во 1928 година.
Во својата научна статија „Творечкиот опус на Васил Иљоски – македонската драма во 20 и 21 век“ се осврнува на македонското јазичното прашање, кое Иљоски го разработува низ користената драматургија во „Бегалка“. Алексиев пишува: „Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Скопскиот театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“
Во драмата на Васил Иљоски се чувствува богатството на македонската фразеологија, на народните поговорки, на фолклорната мудрост низ многуте афоризми. Битовиот карактер на делата се потврдува особено со структурата на реченицата. „Иљоски мајсторски ги користи синтаксичко-стилистичките средства на македонскиот јазик. На тој начин авторот постигнува динамичност во изразот и придонесува за засилување на драмскиот ефект.“ – има кажано починатата професорка од Филолошкиот факултет „Блаже Конески “ од Скопје д-р Ружа Паноска. Васил Иљоски е македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, истакнат педагошки работник и академик. Автор е на првото драмско дело на македонски јазик, прикажано на сцената на Кралскиот скопски театар меѓу двете светски војни. Цели пет децении му останува верен на литературното македонско драмско творештво.
Иљоски е роден на 20 декември 1902 година во Крушево, непосредно пред историските настани, кои ќе ја одбележат епопејата на македонскиот народ. По Илинденското востание од 1903 година, барајќи работа и подобри услови за живот неговиот татко заминува во Куманово. Десетина години подоцна, откако се создадоа услови, целото семејство се преселува во Куманово. Детството го поминува во столарска работилница на татко му каде што помага и го изучува занаетот. Иако работи како столар, Васил не го продолжува татковиот занает. По завршувањето на основното и средното училиште, љубовта кон книжевноста ќе однесе во Скопје, каде што се запишува на Филозофскиот факултет. Васил Иљоски како член на литературната дружина го привлекува сценскиот збор и уште во гимназиските денови почнува да пишува драмски текстови. Сценска изведба доживуваат неговите оформени едночинки, кои ги пишувал како студент.
Драмски текстови, кои ја покажуваа и ја потврдуваа посебноста на македонскиот јазик во време кога беше забрането тоа да се прави
Драмските текстови ги пишува на македонски, крушевски и кумановски дијалект, прикажувајќи ја притоа посебноста на македонскиот јазик. Првиот јавен настап го прави со драмскиот текст „По матурата“. Таа била едночинка, која авторот ја поставува со школската дружина. Со оваа претстава членовите на групата гостуваат на неколку места. Првичните успеси го мотивираат Иљовски и наскоро на сцената се појавува со хумористочниот драмски текст „Бура поради електриката“. Претставата, во која како и претходно глуми и Иљоски како автор, ги измамува првите месни печатени пофалби. Иако се скромни, првите успеси за авторот претставуваат дополнителен мотив за нови творечки напори.
Некаде кон втората половина на триесетите години, Васил Иљоски започнува да работи на своето посериозно драмско дело, насловено како „Бежанка“ (подоцна преименовано како „Бегалка“). Оваа битово-социјална драма во пет чина, во која до израз доаѓаат стремењата на Иљоски да ја прикаже посебноста и колоритноста на македонскиот јазик, премиерно е прикажана на 16 јуни 1928 година под името „Ленче Кумановче“. Изведена на кумановски дијалект, претставата предизвикува голем интерес кај публиката. Иако наидува на одличен прием кај публиката, по интервенција на власта, претставата „Ленче Кумановче“ набрзо е симната од репертоарот на Скопски театар. Власта го казнува обидот низ драмскиот текст јавно да се претстави македонски јазик.
Васил Иљоски е еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија и меѓу првите академици на Македонската академија на науки и уметности
Младиот професор по книжевност Васил Иљоски ја губи својата служба во гимназијата во Куманово, каде што бил вработен по завршувањето на Филозофскиот факултет како наставник. Оваа драма повторно е прикажана на сцената на Кралскиот скопски театар дури во сезоната 1936/37 година, кога на сцената е поставена и драмата „Печалбари“ од Антон Панов. Во овој период, за да ги избегне проблемите со власта, Васил Иљоски пишува на српски јазик. Создава неколку дела меѓу кои: „Нагазио човек“, „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“. Комедијата во 3 чина „Нагазио човек“, уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. Иако се наоѓала на репертоарот за сезоната 1939/40, драмата „Биро за безработници“ не била изведена на сцената. Oбидот на авторот да алудира на политичките состојби, непријатни за тогашната власт, бил основната причина, поради која оваа драма со социјална тематика била изоставена од репертоарот.
По ослободувањето Васил Иљоски имал раководни функции во просветата. Бил поставен како директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа се пензионира како професор во Вишата педагошка академија во Скопје. Автор е на повеќе драми, статии и студии за јазикот. Негови најпознати драми се: „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработници“, „Чест“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др. Тој е автор и на литературно – историски текстови за Кирил и Методиј, Григор Прличев, Крста Петков Мисирков, Коста Рацин, како и на есеи за театарот. Васил Иљоски бил еден од првите академици на МАНУ веднаш по нејзиното формирање и еден е од оснивачите на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 г.), чиј член останува се до неговата смрт на 1 ноември 1995 година во Скопје.