Македонија

Изгласан ребалансот на Буџетот за 2026: Повеќе пари за капитални проекти, плати и општините

Приходите ревидирани на 379,5 милијарди денари, растот на БДП проектиран на 3,5%

Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Со овие измени се обезбедуваат дополнителни средства за развој и капитални инвестиции, поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините, како и за непречено исполнување на законските обврски и развојните приоритети на Владата.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето експозе истакна дека ребалансот претставува навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности. Според неа, измените ќе овозможат продолжување на економската стабилност и подобрување на животниот стандард.

„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.

Клучни буџетски бројки и растот на БДП
Со Дополнетиот ребаланс се вршат следните корекции во државната каса:

Вкупни приходи: Ревидирани на 379,5 милијарди денари (зголемување од 1,2% во однос на иницијалниот Буџет).

Вкупни расходи: Проектирани на 425,8 милијарди денари (повеќе за 2,8% од първичните проекции).

Буџетски дефицит: Се проектира на 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП (корекција од 0,6 процентни поени поради зголемени капитални расходи).

Економски раст: Растот на БДП за 2026 година е проектиран на 3,5%.

Забрзување на капиталните инвестиции
Ставката за капитални инвестиции се зголемува за 5,8 милијарди денари и достигнува ниво од 46 милијарди денари, што е за 14,3% повеќе од иницијалниот буџет. Оваа корекција доаѓа како резултат на забрзаната динамика во првата половина од годината, кога беа реализирани 19,4 милијарди денари во капитални расходи (раст од 53,5% во споредба со истиот период минатата година).

Средствата се насочени кон инфраструктурни проекти во патниот и железничкиот сообраќај, животната средина, енергетиката, образованието, детската заштита, правосудството, како и за проекти во општините.

Дополнителни средства и усвоени амандмани
Со ребалансот се обезбедени и пари за сервисирање на обврските од потпишаните колективни договори за повисоки плати. Преку вградените амандмани се издвојуваат средства и за:

Поддршка на жените земјоделки и за воспоставување национална СОС линија за жртви на семејно насилство;

Отворање два нови згрижувачки центри за жртви на родово базирано насилство;

6 милиони денари за транспорт на вода во Гостивар поради прогласената епидемија;

170 милиони денари во Министерство за земјоделство за дистрибутивни центри во Скопје и Струмица и адаптација на зградата на ИПАРД;

80 милиони денари за Агенцијата за стокови резерви;

12 милиони денари во Јавното обвинителство за софтверски лиценци;

10 милиони денари во МОН за реконструкција на факултети;

1 милион денари за Управата за извршување на санкции.

Најнови вести од: Македонија

To top