Преку колумната на главниот уредник на изданието на англиски јазик Том Елис, насловена „Неприфатливо однесување на Северна Македонија кон Грција“, грчкиот дневен весник „Катимерини“ ги искритикува ставот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека негово човеково право е како ќе си ја нарекува својата татковина и изјавата дека ја вратил употребата на името „Македонија“ на домашно ниво.
„Националистичкото раководство на Северна Македонија не им помага на перспективите на својата земја со своето однесување кон Грција, веројатно нејзиниот најважен сосед во однос на геополитичкиот импакт и големината на нејзината економија, како и нејзиното долгогодишно членство во НАТО и во Европската унија.
Агресивната реторика на премиерот на земјата, Христијан Мицкоски, кој се гордее со кршењето на меѓународниот договор меѓу Скопје и Атина, е неприфатлива и ќе има негативни последици.
Неговата изјава дека ефикасно ја вратил употребата на ‘Македонија’ на домашен терен не е само агресивен чин кон Грција; таа е исто така нелегална бидејќи претставува јасно кршење на договорот потпишан од двата соседа пред повеќе од седум години, кој, меѓу другите елементи, вклучуваше промена на уставното име на земјата.
Преспанскиот договор од 2018 година го реши деценискиот спор за името меѓу Атина и Скопје, овозможувајќи го пристапувањето на второто во НАТО и отворајќи го патот за слична евентуалност во однос на ЕУ.
Договорот, кој беше голем компромис за двете страни, вклучувајќи ја, ако не и повеќе, и Грција, сега е дел од Уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки. Грција и Северна Македонија мора да го почитуваат и на меѓународно и на домашно ниво.
За Скопје, односите со Атина се клучен дел од неговата иднина. Тие не се само клуч за неговото конечно пристапување во Европската унија, со економските и геополитичките придобивки што доаѓаат со него; тие се дел од поширока равенка што има врска со стабилноста и трговските перспективи на Северна Македонија.
Грција го покажа својот искрен интерес да биде еден од најпосветените застапници за вклучување на Западен Балкан во Унијата. Нејзината поддршка на напорите на соседна Албанија – повторена за време на посетата на Атина пред неколку дена од страна на министерот за надворешни работи на вторава – е доказ за тоа.
Но, сите заинтересирани страни мора да дејствуваат соодветно.
Бидејќи уставното име на Северна Македонија е експлицитно дефинирано во Член 1 од Преспанскиот договор, Атина отфрли секаков обид за ‘фалсификување или менување’ на содржината на договорот, кој е ‘дел од меѓународното право, а неговото почитување е основа на мирниот соживот на луѓето и државите’.
Доколку Мицкоски продолжи по лизгавата патека на непочитување на договорот – во суштина кршејќи го принципот на добрососедски односи – тој ќе биде виновен за сите последици со кои се соочува неговата земја“, констатира Елис во колумната.