Македонија

Креативност што создава иднина: Разговор со Весна Божиловиќ пред „Креативен ден 2026“ – Битола

Зад секој силен настан стои визија, посветеност и приказна што инспирира. „Креативен ден“ во Битола веќе години наназад ги поврзува младите таленти, модните професионалци и образованието во едно уникатно искуство кое оди многу подалеку од класична модна ревија.

Зад секој силен настан стои визија, посветеност и приказна што инспирира. „Креативен ден“ во Битола веќе години наназад ги поврзува младите таленти, модните професионалци и образованието во едно уникатно искуство кое оди многу подалеку од класична модна ревија. Во пресрет на овогодинешното издание кое ќе се одржи на 28 април, разговараме со организаторката Весна Божиловиќ за идејата, концептот и влијанието на настанот кој сè повеќе се позиционира како платформа за развој, соработка и нови можности за младите кои се дел од текстилната индустрија.

 

Expres.mk: Ако треба да се вратите на самиот почеток – што недостасуваше на модната сцена или во заедницата за да се роди „Креативен ден“?

Весна: Недостасуваше визија, верба во изборот на струката, како и простор каде младите ќе можат да ја покажат својата креативност како сериозна вредност, но пред се е реакција кон пошироката состојба на струката, која го губеше својот имиџ. Во таков контекст, беше важно да се врати довербата и да се покаже дека модата и текстилот се професии со иднина и значење.

Клучниот импулс не беше само потребата од настан, туку загриженоста за состојбата на самата струка. Текстилот и модата, како професија, постепено го губеа својот имиџ и вредност во очите на младите. Се создаваше перцепција дека тоа не е доволно атрактивен или перспективен избор, особено во помали средини.

Бевме свесни дека ова не е изолиран проблем, туку глобален предизвик што најсилно ги погодува токму помалите заедници, каде што можностите се ограничени, а талентот често останува невидлив. Во таква атмосфера, креативноста постои, но ѝ недостига контекст, поддршка и признание.

„Креативен ден“ произлезе како одговор на тоа – како обид да се врати достоинството на струката, да се покаже дека зад неа стојат знаење, посветеност и сериозен креативен процес. Сакавме да создадеме платформа што ќе ја доближи модата до младите како реална можност за развој.

Expres.mk: Кој сè е дел од овогодинешниот „Креативен ден“? Може ли да ни ја претставите програмата?

Весна: „Креативен ден“ обединува ученици, едукатори, уметници, компании и секако – реномирани гости од индустријата. Нивното присуство е важно, но уште поважно е што тие доаѓаат да препознаат и јавно да го потврдат знаењето и трудот на младите.

Токму тука е разликата – не се потпираме само на звучни имиња, туку создаваме нови. Работиме на подигање на самодовербата кај младите, да застанат зад својата работа и да бидат видени и вреднувани од оние што веќе имаат изградено кредибилитет.

Програмата го следи целиот процес – од идеја и менторска работа до финална презентација. Тоа е простор каде што не се слави само модата, туку и луѓето зад неа – и оние што допрва доаѓаат, и оние што веќе оставаат трага.

Expres.mk: Годинашната тема е „ФИЛМ“ – што очекувате од учесниците кога ја избирате темата?

Весна: Иако темата „ФИЛМ“ природно асоцира на впечатливи и визуелно силни креации, за нас поважно е она што се случува пред финалниот резултат. Најмногу се радуваме на процесот – на времето што младите го вложуваат во истражување, во поставување прашања и во навлегување подлабоко во самата тема.

Филмот како инспирација нуди многу повеќе од естетика – тој носи приказни, карактери и емоции. Токму затоа очекуваме учесниците да размислуваат, да анализираат и да ја претворат таа инспирација во личен израз.

За нас, вредноста не е само во тоа што ќе се види на крај, туку во тоа колку научиле и колку пораснале низ самиот процес.

Expres.mk: По сите овие години, што најмногу ве изненадило кај младите кои учествуваат – што научивте од нив?

Весна: Она што најмногу ме изненади е нивната сериозност во пристапот – начинот на кој одговорно и посветено влегуваат во процесот. Заедно со тоа расте и нивната верба во себе, особено кога ќе добијат вистинска можност.

Но, можеби највпечатлив е нивниот ентузијазам – таа енергија со која создаваат, учат и се надминуваат. Сè почесто гледаме и јасна желба за понатамошен личен развој, како и зголемен интерес за продолжување на образованието во истата струка.

Токму таа комбинација покажува дека младите не треба да се потценуваат, туку да им се даде простор во кој ќе го покажат својот вистински потенцијал.

Expres.mk: Сигурно низ годините сведочите за многу успешни лични приказни. Какво влијание има настанот врз младите и колку им отвора нови можности за кариера?

Весна:  Низ годините навистина гледаме убави приказни за личен развој, но секогаш внимаваме да бидеме реални – „Креативен ден“ не создава успех преку ноќ, туку создава основа.

Верувам дека иднина има секаде каде што има знаење и поддршка. Нашата улога е токму во тоа – да им дадеме на младите простор да учат, да се поврзат со вистински луѓе од индустријата и да ја препознаат својата насока.

Настанот им отвора врати, но уште поважно – им дава сигурност дека вреди да продолжат. А кога ќе се спојат знаењето, трудот и поддршката, можностите природно се појавуваат.

Expres.mk: Ако треба да ја поканите публиката со една мисла – зошто 28 април во Битола треба да биде резервиран за „Креативен ден“?

Весна:  Оваа година имаме и пријатно изненадување кое го држиме како мала тајна – гости кои носат посебна тежина и инспирација за целиот настан. Сакаме публиката да го доживее тој момент во живо, затоа што токму таквите изненадувања ја прават атмосферата на „Креативен ден“ автентична и непредвидлива.

„Креативен ден“ е настан каде јавно им го признаваме трудот, напорот и креативноста на сите модни активисти – и на младите што допрва доаѓаат, и на оние што веќе го живеат тоа секојдневно.

Тоа е ден кога младите не бараат внимание – туку го заслужуваат. И вреди да бидеме таму да им го дадеме.

Најнови вести од: Македонија

„Скопје – европска престолнина на културата 2028“

Скопје ќе биде во фокусот на Европа, домаќин на европски лидери и градоначалници, место каде се креираат нови партнерства и заеднички перспективи. Со ова, започнуваме нов развоен циклус и модел кој се темели на долгорочни инвестиции, стратешка соработка и јасна визија за иднината., објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

To top