Македонија

Кумата на Боки-13 е избрана за нов судија во Уставен суд

Дика Георгиевска во јавноста е позната и како кума на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13.

Собранието денеска ја избра Мери Дика Георгиевска за судија на Уставниот суд, откако предлогот доби поддршка од 64 пратеници.

Одлуката ја соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши по спроведеното гласање.

„Судија на Уставен суд се избира со мнозинство гласови. Предлогот Мери Дика Георгиевска да биде избрана за судија на Уставниот суд го ставам на гласање. 64 гласа за, нема воздржани ниту против. Дика Георгиевска е избрана за судија на Уставниот суд“, рече Гаши.

По изборот, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците во Собранието, со што официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд.

Мери Дика Георгиевска е дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирала во 1985 година, а магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година. Правосудниот испит го положила во 1987 година.

Кариерата ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија. Од 1996 до 2005 година била судија во Основниот суд Скопје II, а потоа продолжила како судија во Апелациониот суд Скопје. Од 2012 до 2018 година била член на Судскиот совет, по што се вратила во Апелациониот суд. Во 2023 година била избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје.

Во својата кариера била претседател на стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд, а говори и англиски јазик.

Дика Георгиевска во јавноста е позната и како кума на осудениот Бојан Јовановски – Боки 13. Таа сведочеше во предметот „Рекет“, а медиумите претходно објавуваа детали за нејзината блиска врска со Јовановски, вклучително и заеднички патувања.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top