Македонија

Македонија го доби својот претставник за Светското првенство Microsoft Office Specialist во Калифорнија

На 11 јуни 2026 година, во просториите на Семос Едукација се одржа националниот натпревар Microsoft Office Specialist (MOS), на кој за победник беше прогласен Матеј Спасиќ од Куманово

На 11 јуни 2026 година, во просториите на Семос Едукација се одржа националниот натпревар Microsoft Office Specialist (MOS), на кој за победник беше прогласен Матеј Спасиќ од Куманово. Со освоеното прво место, тој добива можност да ја претставува Македонија на Светското првенство Microsoft Office Specialist World Championship што ќе се одржи во Калифорнија, САД. На годинешниот натпревар учествуваа ученици од околу 20 средни училишта од целата држава, кои ги демонстрираа своите знаења и практични вештини за работа со Microsoft Word, Excel и PowerPoint.

Натпреварот претставува дел од глобалната програма Microsoft Office Specialist, преку која младите добиваат можност да стекнат меѓународно признати сертификати и да ги потврдат своите дигитални компетенции. Победникот, заедно со својот ментор, ќе отпатува во Анахеим Калифорнија каде ќе се натпреварува со најдобрите ученици од целиот свет и ќе ја претставува Македонија на најголемиот светски натпревар за Microsoft Office вештини. На прогласувањето на победниците присуствуваше и Арек Јаворски, регионален директор на Certiport за Европа и Централна Азија, кој ја нагласи важноста на ваквите иницијативи за развој на дигиталните вештини кај младите.

„Секоја година гледаме талентирани млади луѓе кои преку своето знаење и посветеност покажуваат дека се подготвени за предизвиците на современиот дигитален свет. Microsoft Office Specialist програмата не е само натпревар, туку можност учениците да стекнат меѓународно признати вештини и сертификати кои ќе им помогнат во нивното понатамошно образование и професионален развој. Задоволство ни е што Македонија и оваа година е дел од оваа глобална иницијатива“, изјави Јаворски. Според Валентина Тасева, генерален директор на Семос Едукација, натпреварот претставува можност младите да го покажат својот потенцијал и да добијат меѓународна афирмација.

„Горди сме што и оваа година имавме можност да ги собереме најдобрите ученици од целата држава и да им овозможиме да бидат дел од еден светски признат натпревар. Нивните резултати се доказ дека во Македонија има млади луѓе со исклучителен потенцијал, кои можат рамноправно да се натпреваруваат со своите врсници од целиот свет. Нашата цел е да продолжиме да создаваме можности преку кои тие ќе ги развиваат своите знаења, вештини и самодоверба и ќе бидат подготвени за предизвиците на иднината“, изјави Тасева.

Светскиот натпревар Microsoft Office Specialist World Championship е организиран од Certiport и претставува најголемото светско натпреварување за сертифицирани корисници на Microsoft Office. Секоја година на него учествуваат национални победници од десетици земји ширум светот, кои ги одмеруваат своите знаења и вештини во користење на Microsoft Office алатките. Реализацијата на националниот натпревар беше овозможена со поддршка на Стопанска банка АД Скопје како главен спонзор, како и со поддршка од Град Скопје и Општина Куманово.

Покровител и организатор на настанот е Семос Едукација, која повеќе години активно работи на развојот на дигиталните вештини и унапредувањето на ИТ образованието во земјата. Со пласманот на светското првенство, победникот и неговиот ментор ќе добијат можност да ги одмерат своите знаења со најдобрите млади Microsoft Office експерти од целиот свет и достојно да ја претставуваат државата на една од најзначајните глобални сцени за дигитални вештини.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top