Македонија

Македонски претставник во раководството на глобалната креативна организација ITOCE

Првиот президиум на новоформираната Меѓународна трговска организација за креативна економија (International Trade Organization for Creative Economy – ITOCE)

Претседателот на Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), Кирил Ѓозев, е именуван за ко-претседател на Првиот президиум на новоформираната Меѓународна трговска организација за креативна економија (International Trade Organization for Creative Economy – ITOCE). Именувањето се случи во рамките на 6. Интернационален форум „Кина – земјите од Централна и Источна Европа“ (CEEC) за културни и креативни индустрии, кој се одржа од 29 до 31 декември 2025 година во Макао, Народна Република Кина.


Форумот, организиран во рамки на Меѓународната конференција за развој на креативната економија и трговијата, обедини владини претставници, водечки експерти, академици и претставници на креативните индустрии од Кина, земјите од Централна и Источна Европа, како и од други региони во светот. Настанот се надоврзува на претходните пет успешно реализирани изданија, одржани во Белград, Пекинг, Лоѓ, Катовице, Будимпешта и Софија, и прерасна во значајна меѓународна платформа за соработка во областа на филмот, аудиовизуелната продукција, дизајнот, анимацијата, гејмингот и културната трговија.

Меѓународната трговска организација за креативна економија (ITOCE) беше официјално инаугурирана како невладина и непрофитна меѓународна организација, со мисија да промовира отворени, инклузивни, правични и ефикасни глобални системи за развој на креативната економија и меѓународната трговија.

Президиумот на ITOCE е составен од меѓународно признати професионалци со значајно искуство и влијание во областа на креативната економија и прекуграничната соработка. Како ко-претседател на Првиот президиум, Ѓозев ќе придонесува кон дефинирање на стратешките приоритети, јакнење на меѓународниот политички дијалог и поддршка на интеграцијата на креативните претпријатија на глобалните пазари.
– Ова го доживувам како признание за колективната работа и растечкиот кредибилитет на креативните индустрии во Македонија. УМПАКИ континуирано се залага за посилно меѓународно позиционирање, правичен пристап до пазари и одржливи политички рамки за креативните професионалци. Учеството во раководството на новоформирана глобална организација како ITOCE, инаугурирана во рамки на 6-от Интернационале Форум Кина–CEEC, создава конкретна можност за поврзување на нашите локални и регионални креативни екосистеми со глобалните процеси, пазари и политики. Нашиот фокус останува насочен кон тоа креативните индустрии да бидат не само културно релевантни, туку и економски одржливи и меѓународно конкурентни – изјави Ѓозев.

Во текот на Форумот, Ѓозев активно учествуваше со тематски говор на сесија посветена на глобалните искуства во развојот на креативната економија, при што ги претстави перспективите од Северна Македонија и Југоисточна Европа, заедно со високи претставници од Кина, земјите од Централна и Источна Европа и меѓународни институции.

За време на високото инаугуративно заседание, на Ѓозев и на останатите членови на президиумот им беа врачени сертификати за именување, со што официјално беше потврдена неговата улога како ко-претседател на Првиот президиум на ITOCE – едно од највисоките управувачки тела на организацијата.
Учеството на македонски претставник во раководната структура на новоформирана глобална организација, инаугурирана на еден од најзначајните форуми Кина–CEEC за креативна економија, претставува значајна стратешка придобивка за секторот и дополнително ја позиционира Северна Македонија во меѓународниот дијалог и соработка во областа на креативната економија.

Најнови вести од: Македонија

Ангелов со план за сезоната на пожари: Ги повика пензионираните полицајци и војници за битката со огнот

Стојанче Ангелов најави ангажман на пензионирани полицајци, војници и поранешни припадници на безбедносните сили, кои по обука ќе помогнат во справувањето со пожарите низ државата

М-НАВ: Апелација ја потврди пресудата со која се забранува најавениот штрајк на ССКЛ

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) и ја потврди првостепената одлука со која се забранува организирањето на најавениот штрајк за октомври 2025 година. Веста денеска ја соопшти адвокатот Горан Николоски, правен застапник на Македонска навигација. Со оваа одлука, решението на Основниот граѓански суд Скопје стана правосилно, со што се оневозможува реализацијата на штрајкот кој предвидуваше ограничување на летовите и делумно затворање на македонскиот воздушен простор.

Владата на Македонија најавува шест автопати во исто време: ќе се градат Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, Кичево-Охрид конечно пред целосно завршување!

Во втората половина од годинава во Република Македонија истовремено ќе се градат шест автопатски делници, најави Владата. Според плановите, кон крајот на овој месец или на почетокот на следниот ќе започнат градежните активности на втората делница од автопатот Скопје – Блаце, додека во септември или октомври се очекува старт и на изградбата на автопатот Кичево – Букојчани.

To top