Ќе им се суди на четирите малолетнички кои се изживуваа и брутално го малтретираа 13 годишното девојче кај вовчето во скопската населба Ѓорче Петров. МВР им поднесе кривични пријави за основано сомнение дека сториле насилство, а од Обвинителство информираат дека јавен обвнител веќе постапува по пријавите.
Малолетничките, од кои една на возраст од 17 и три на возраст од 14 години, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон друго 13-годишно девојче и за нив постапката се води согласно Законот за правда за децата. Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките, информираат од Јавното обвинителство.
Нема да им се суди само на малолетните насилнички. Паралелно, во врска со грозоморното однесувње на девојчињата, до обвинителството доставени се и шест кривични пријави за „запуштање и малтретирање дете“ против нивните родители. Тие се осомничени дека ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, што довело до насилството.
Случајот ја вознемири силно јавноста откако излегоа информации дека малолетничките во два наврата физички го нападнале девојче, притоа снимајќи го насилството. Според информациите, насилството се случувало на клупа, каде девојчето било опкружено од група врснички кои ја кубеле за коса, и викале и ја туркале, додека други деца од страна се смееле и поттикнувале.
Дел од медиумите објавуваат дека ги поседуваат снимките од насиството но поради повторна виктимизација на жртвата не ги објавуваат. Како што пишуваат, девојчето е турнато на земја, по што следуваат клоци и удари, додека присутните продолжуваат да снимаат и да се смеат.
На друга снимка, пак, едно од девојчињата и удира силен бокс во пределот на лицето. Исто така, постоела и фотографија на која две од насилничките прават „селфи“ со девојчето додека тоа крвари од носот и устата. Исто така беше објавено дека освен што добила ќотек, 13 годишното девојче било принудено да јаде измет од куче.
Случајот повторно ја отвори болната тема за врсничкото насилство, кое се почесто прераснува во јавно понижување, снимено, споделено и охрабрувано. Експертите предупредуваат дека токму ова го прави насилството поопасно, бидејќи не завршува со нападот, туку продолжува онлајн, каде жртвата повторно се изложува пред публика.