Манасиевски посочи дека Николовски бара извинување поради негови изјави поврзани со наводен кусок од 2.000 тони жито во стоковите резерви и доделувањето грант од 1,4 милиони евра на „Тргопродукт“, компанија поврзана со брендот „Мамас“.
„Наместо со факти да демантира, тој не дојде денеска на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека претрпел душевна болка“, рече Манасиевски.
Тој се осврна и на вештиот наод за душевно страдање и нарушување на честа и угледот, изготвен од психијатарот Стојан Бајрактаров, при што изнесе тврдења за негови политички и партиски ангажмани. Манасиевски побара овие околности да бидат земени предвид при оценувањето на наодот.
„Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра“, порача Манасиевски.
Во продолжение, тој упати и низа прашања до Николовски – за имотот што, според негови информации, се поврзува со дуплекс стан во „Дајмонд мол“, за наводното користење службени возила за приватни потреби, како и за работењето на фирма во сопственост на неговиот брат.
Манасиевски тврдеше дека приходите на компанијата „Лариком шпед“ значително пораснале во периодот кога Николовски бил на висока државна функција и побара од него да објасни на што се должи таквиот раст.
Тој побара и Јавното обвинителство да ги испита наводите поврзани со стоковите резерви и набавката на жито.
„Го повикувам ЈО да испита што се случило со житото, зошто е отпишано и зошто за да се пополни дупката во стоковите резерви е купено жито по цена повисока од онаа на берзите“, рече Манасиевски.
Николовски денеска не присуствуваше на рочиштето. Случајот продолжува на следното судско рочиште.