Македонија

Мицкоски: 23 Октомври е завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода

И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува – да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон

Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби, подвлече во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

-На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ – ВМРО – му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти зборот Македонија. На 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација – идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето и сите граници, истакна Мицкоски.

Тој кажа дека од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба и, како што рече, тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот – да ѝ дадат иднина на татковината.

-Со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, на саможртвата и на вечниот стремеж кон слобода. Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека секојпат кога пред нас стоеле темни времиња, кога се чинело дека Македонија ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ.

-Затоа, 23 Октомври не е само датум – тоа е завет. Завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува – да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон, истакна тој.

Премиерот нагласи дека денес не славиме само минато, туку го славиме духот на трајноста и оти 23 Октомври е повик кон совеста – да бидеме достојни на тие што ни ја подарија слободата, да ја чуваме Македонија со истата решеност со која тие ја создаваа.

-ВМРО е мислата што не умира – затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна. Силата на ВМРО не била во оружјето, туку во идејата дека правдата е посилна од стравот. И доказите за таа челична волја и таа саможртва не се напишани само во книгите, туку можете да ги видите низ живите споменици под дабовите на Мечкин Камен, по улиците и духот на Крушево, низ славните битки и востанија на нашиот народ. Затоа и Македонија треба да се чува, затоа што зад оваа држава стојат илјадници животи кои се дадени за нејзината слобода. И тоа е нешто што нè обврзува и задолжува, нагласи тој.

Мицкоски посочи дека во денешно време се соочуваме со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ.

-Како премиер на државата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме. И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување, подвлече премиерот во своето обраќање на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври во Македонскиот народен театар.

Најнови вести од: Македонија

Македонија има огромен ИКТ потенцијал, компаниите да помогнат во дигиталната трансформација на земјата

Владата одлучи да се потпре на приватниот сектор во процесот на дигитализацијата и сега двете страни треба заедно да градат проекти кои ќе значат реализација дома, но и извоз на продуктите. Според претседателот на МАСИТ, ИКТ индустријата учествува со 4,5 отсто во националниот БДП на Македонија што е 1,65 милијарди евра годишен приход. Секторот брои над 3 000 компании со над 25 000 вработени, чија просечна бруто плата надминува 2 500 евра.

За економски напредок е неопходна синергија помеѓу образованието и индустријата

Темата на конференцијата „Recode Reality“ претставува повик да се преобликува улогата на технологијата: не само како алатка, туку како двигател на економски, институционални и општествени промени – како сила што ја моделира иднината.

Сиљановска-Давкова: Во бугарскиот устав нема Македонци, а бараат да внесеме во нашиот устав „дел од бугарскиот народ“?!

Во однос на барањето излезни решенија претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова посочи дека е доволно е да се фрли поглед на уставните гаранции во бугарскиот Устав и да се споредат со уставните гаранции во нашиот Устав, за да се види, како што нагласи, „огромна недоследност“. „Јас би била прва, што ќе бара уставни измени, ако правата на бугарското малцинство кај нас се загрозени. Меѓутоа не јас, туку телото, што го создаде Советот на Европа, а на чии одлуки се повикуваат и ЕК и Европскиот совет, тоа е Венецијанската комисија, јасно кажува дека ние немаме уставни проблеми во поглед на заштитата на правата на малцинствата, бидејќи сме ги вградиле во Уставот највисоките стандарди преку интегрирање на Рамковниот договор во Уставот, а тој е во преамбулата посочен за разлика од нашиот сосед.“ – укажа Сиљановска-Давкова.

To top